• четврток, 14 ноември 2024

Од утре леб и за 33 денари, пекарите ќе почнат правна битка со Владата

Од утре леб и за 33 денари, пекарите ќе почнат правна битка со Владата

Скопје, 3 март 2023 (МИА) - Пекарската индустрија од утре ќе почне да испорачува бел и полубел леб од 33 денари, но ќе поведе и правна постапка за наплата на штетата што ја претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот.

Како што изјави денеска претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ, компаниите максимално ги почитувале мерките за поддршка, а Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

-Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Поради наметнатите загуби, принудени сме да се прилагодиме и да ги намалиме загубите со одредени видови леб, но и да намалиме од бројот на вработени. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните, потенцира Малишиќ.

Тој оцени дека Владата воопшто нема чувство за новонастанатата ситуација и ниту е свесна, како што рече, дека со ваквите популистички мерки уништува една од стратешките индустрии во земјата.

-Во интензивни консултации со правни експерти, домашни, но и од надвор, е утврдено дека владините одлуки се неуставни и незаконски или донесени без утврдено прекршување на пазарот по Законот за трговија. Спротивно на Одлуката, се потврдува, со записниците на инспекторатите, дека од 1 декември до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што Владата ги донела. По овој основ, пекарската индустрија здружено ќе почне правна постапка со цел наплата на штетата, односно на загубата што и ја нанесе Владата на индустријата со одлуките. Штетата до 31 мај, до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на лебот, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита и опстанок на индустријата ќе продолжи на правна основа, истакна Малишиќ.

Според него, никој не може да тврди колку чини еден леб. Секоја компанија си има свои калкулации.

-Ако е така, тогаш сите ќе отворат пекарници. Некои од компаниите имаат вработено по 200, 400, 300 луѓе, прават разни лебови, лебовите не чинат исто, ако се бели или полубели квалитетот е различен, различни се и пакувањата, дистрибуцијата, залихите, подвлече Малишиќ, дополнувајќи дека следната недела ќе се направат интензивни консултации и ќе почне правната постапка. мч/вј/

Остани поврзан