Од печат излезе „Има време” книга на Авдулах Рамчиловиќ
- Излезе од печат новата книга на Авдулах Рамчиловиќ со наслов „Ima vremena” (Има време).
Скопје, 13 септември 2025 (МИА) - Излезе од печат новата книга на Авдулах Рамчиловиќ со наслов „Ima vremena” (Има време).
Од Здружението „Диван“ денеска соопштија дека книгата е отпечатена во тираж од 300 примероци и оти на 350 страници донесува разновидни жанровски форми, вклучувајќи и осврти од други автори. Дизајнот на кориците е дело на Зорица Тијаниќ, за издавач се потпишува Сафета Цуцак, а рецензент и уредник е проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ.
- Станува збор за девето издание на авторот, досега најмногу препознатлив по поезијата, кој во ова дело нуди синтеза на својот книжевен опус – есеи, рецензии, осврти, колумни, коментари и песни. Авторот во воведниот текст нагласува дека сакал да им понуди на читателите целосен увид во своето повеќедецениско творештво. Тој особено истакнува дека најголемата награда за секој писател е читателското прифаќање: „Читателите го создаваат поетот, книжевникот, писателот, уметникот, бидејќи творештвото, пред сè, е наменето за читателската публика. Ако го читаат и прифаќаат, тоа е најголемата награда за авторот, запишал м-р Авдулах Рамчиловиќ, се вели во соопштението.
Рецензентот проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ, наведуваат од „Диван“, ја оценува книгата како „револуционерна промена“ во однос на досегашниот опус, бидејќи обединува различни книжевни форми и претставува спој на авторско и колективно творештво. „Пред нас е дело кое се чита како целина во која ништо не недостасува, а сè има свое место и функција“, наведува тој, нагласувајќи дека авторовата книжевна особеност ја сочинуваат „благородноста, добрината и позитивната енергија“.
- Книгата „Има време“ носи единствен спој на жанрови и претставува вреден придонес за современата балканска и регионална книжевност. Како што заклучува рецензентот, станува збор за дело кое „дише заедно како едно“, нудејќи им на читателите богата и разновидна содржина, соопшти Здружението „Диван“.лв/
фото: Здружение „Диван“