• понеделник, 23 декември 2024

Од отпад до уметнички дела, започнува конкурсот „Треш фор арт“

Од отпад до уметнички дела, започнува конкурсот  „Треш фор арт“

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Да му се даде нов живот на отпадот и да се пријават уметнички дела на наградниот конкурс „Треш фор арт“ (Trash for Art), повикува „Пакомак“.

Конкурсот е отворен и за возрасни и за деца.

- Пријавените дела ќе се натпреваруваат во три категории. Градинки, основни училишта, како и поединци и други организации. За секоја од категориите предвидени се по три парични награди. За прво - 30.000, второ - 20.000 и за трето место - 10.000 денари. Оваа година на конкурсот има и две специјални награди за најдобрите уметнички дела изработени исклучиво од амбалажа на „Прилепска пивара“ или од електричен отпад. Скулптурата од амбалажен отпад на „Прилепска пивара“ ќе биде наградена со 30.000 денари. Додека пак најиновативното решение за скулптура од електричен отпад, ќе биде наградено со 30.000 денари од „Нула отпад“. Испратените уметнички дела кои ќе конкурираат во категоријата за дела изработени од електронски отпад, треба да бидат со максимална височина од 150 сантиметри, се појаснува во соопштението на „Пакомак“.

Учесниците нивните уметнички дела треба да ги изработат од минимум 10 парчиња амбалажен отпад, а можат да користат различни видови на амбалажа, како лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажа од козметика и од средства за чистење, фолија за пакување, дрвени палети, тетрапак, кеси од чипс, обвивки и слични. Сите употребени материјали треба да се спојат во едно уметничко дело, кое нема да има височина поголема до 150 сантиметри.

Повеќе за конкурсот, може да се прочита на веб-страницата на „Пакомак“ или на нивната Фејсбук страница. бд/са/

ФОТО: Пакомак

Остани поврзан