• петок, 05 декември 2025

„Од нива до трпеза – сè од нашата општина“, промоција на македонски производи во Скопје

„Од нива до трпеза – сè од нашата општина“, промоција на македонски производи во Скопје

Скопје, 14 јуни 2025 (МИА) - Околу 250 излагачи од над 30 општини, земјоделски задруги и здруженија, промовираат домашни производи со цел зајакнување на врската меѓу руралните и урбаните заедници како дел од манифестацијата „Храна од општините“ под мотото „Од нива до трпеза – сè од нашата општина“, што се одржува денеска во Скопје во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, а со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Посетителите на манифестацијата имаа можност да дегустираат автентични производи од секоја општина, да се запознаат со занаетчиски изработки и да се поврзат директно со производителите. Целта е да се промовира традиционалната македонска храна, карактеристична за секоја општина, како и убавините на нашиот рурален туризам.

Премиерот Христијан Мицкоски во  обраќање на манифестацијата ја истакна важноста на земјоделството како темел на националната економија и иднина.

-Денес сме тука да ја испратиме силната порака дека македонската земја храни, дека македонската трпеза има иднина, и дека македонскиот народ се потпира – и ќе продолжи да се потпира – на трудот, знаењето и љубовта со кои нашите земјоделци ја обработуваат земјата. Манифестацијата „Од нива до трпеза“ не е само пазар или саем. Таа е симбол на цел еден синџир кој започнува со утринската роса на македонските полиња, продолжува низ потта на земјоделецот, преку вештината на преработувачот, до вкусот кој го чувствуваме во секое домашно јаболко, секое сирење, секој домат од македонска земја, рече Мицкоски. 

Тој потенцираше дека земјоделството е стратешки приоритет на Владата, нагласувајќи дека во изминатите 11 месеци се исплатени над осум милијарди денари во субвенции и финансиски поддршки кон земјоделците.

-Ова не се празни зборови, ова се конкретни дела. Ова се податоци кои говорат за еден нов пристап, нова енергија и јасна визија: да го подигнеме агросекторот, да ги мотивираме младите, да ја дигнеме довербата на земјоделецот, изјави премиерот, повикувајќи ги граѓаните да ја поддржат домашната продукција со купување македонски производи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ја нагласи улогата на руралните средини како чувари на македонскиот идентитет и ги повика граѓаните да го поддржат домашното производство.

-Руралните средини не се само извор на храна, туку и чувари на нашата култура, традиција и идентитет. Затоа министерството посветено работи за да обезбеди достапна, квалитетна и безбедна храна за сите граѓани. Денешниот настан е доказ дека интересот за промоција на македонските производи е огромен, рече тој.

Воедно, ги повика граѓаните да „бидат горди амбасадори на македонските земјоделски производи“, затоа што, како што рече „кога ќе одберете домашен производ, кога ќе ја поддржите локалната економија, вие инвестирате во иднината на нашите села и нашите општини. Тоа е чин на патриотизам, но и на економска мудрост“.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, истакна дека фестивалот е симбол на почит кон трудот на земјоделците, занаетчиите и младите производители. 

-Оние кои со срце и посветеност создаваат производи со душа. Локалното производство заслужува поддршка и внимание. Традицијата не треба да се заборави, туку да се негува и пренесува од колено на колено, рече тој.

Претседателот на здружението „Наша традиција, наша иднина“, Јордан Настов, нагласи дека Македонија е мала држава но со богата историја, култура и традиции кои што се разликуваат од регион во регион зависно од тоа какво е поднебјето. 

-Само ако споменеме некој регион, се знае по што е претпознатлив. Тиквештијата нѐ асоцира на вековно традиционално производство на грозје, ракија, маџун и вин., Берово, беровско сирење, беровски мед, преспанско јаболко, охридски цреши. Ова е прекрасна можност на едно место да ги собереме сите региони, 25 општини со производство на македонски производи, лековити билки и чаеви, рече Настов. ар/лв/
Фото:МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан