• петок, 05 декември 2025

Од денеска до 10 октомври во Гевгелија се одбележува Детската недела

Од денеска до 10 октомври во Гевгелија се одбележува Детската недела

Гевгелија,6 октомври 2025 (МИА) - Од денеска до 10 октомври во Општина Гевгелија се одбележува Детската недела. Преку низа културни, едукативни и креативни активности, посветени на најмладите, ќе се промовира значењето на детството, детските права и радоста на учењето, создавањето и дружењето, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

Активностите се реализираат во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, НУ Музеј- Гевгелија и ЈОУДГ „Детска радост“.

Програмата започна денес, во ЈОУ Пионерски дом, со Ликовната работилница „Боите на среќата“, а утре во Народниот театар ќе се одржи концерт на училишните хорови при ООУ „Владо Кантарџиев“ и ООУ „Крсте Мисирков“, како и настап на Детскиот градски хор „Божилак“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.

Задутре во Народниот театар ќе биде изведена театарската претстава „Витезот Моливко и уште нешто повеќе“, подготвена од Драмската секција за деца при Пионерски дом.

В четврток во Народниот театар ќе се одигра претставата „Пипи долгиот чорап“ во изведба на Весел театар - Прилеп, во организација на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, а веднаш потоа ќе се одржи промоција на книгата „Волшепства од детски чувства“ од Јадранка Клисарова, во организација на Градската библиотека.

Одбележувањето завршува во петок, 10 октомври, со музички хепенинг на Градскиот плоштад „Јас сум дете ги знам моите права“, во организација на ЈОУДГ „Детска радост“, а во Уметничката галерија „Амам“, ќе се одржи креативна едукативна работилница за млади по повод 25 години музејска дејност, под мотото „Гевгелија град на сите“.

Во соопштението се додава дека со овие активности, Општина Гевгелија и јавните установи ја потврдуваат својата посветеност кон унапредување на правата, развојот и среќата на секое дете, како и промоција на културните вредности на заедницата во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.рт/вј/

Фото: Општина Гевгелија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан