• сабота, 15 јуни 2024

Одржан пролетниот општински крос во Крива Паланка 

Одржан пролетниот општински крос во Крива Паланка 

Крива Паланка, 30 мај 2024 (МИА) - Околу 400 млади од Крива Паланка денескa учествуваа на една од најмасовните младински спортски манифестации во градот „Пролетен општински крос".

Во организација на Општинскиот Сојуз на училишни спортови, под покровителство на Општина Крива Паланка и годинава главната улица во градот за време на одржувањето беше исполнета со младешка енергија.

-Близу 400 момчиња и девојчиња од градот денес ги одмерија своите атлетски перформанси и брзина, трчајќи од различни дистанци поделени по возрасни категории. Во крос-натпреварот учествуваа ученици од шесто до деветто одделение од двете основни училишта, ООУ „Св.Јоаким Крчовски" и ООУ „Илинден",  како и од средното општинско училиште „Ѓорче Петров", а најбрзите и најуспешните заслужено освоија медали и дипломи од организаторите, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека општината во изминатите две години преку разни програми и мерки насочени директно кон младите им овозможува низа поволности, субвенции и доделува различни видови финансиски средства еднократно, почнувајќи од првооделенците, преку матуранти, талентирани ученици, спортисти, млади брачни парови.

Во спортот, посочуваат, се инвестира значително многу повеќе од буџетот споредено со претходните години, па така, втора година по ред се доделува директна буџетска финансиска поддршка за спортски здруженија и клубови, додека пак, вкупната сума што Општина Крива Паланка ја издвојува за Програма за спорт за 2024 година изнесува 2.395.000 денари. ид/дма/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан