Одржано 13-то издание на фестивалот „Ден на гравот“ во Теарце
- Во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, денес се одржа 13-тото издание на меѓукултурниот фестивал „Ден на гравот“, во организација на Центарот за едукација и развој (ЦЕД).
Тетово, 27 септември 2025 (МИА) - Во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, денес се одржа 13-тото издание на меѓукултурниот фестивал „Ден на гравот“, во организација на Центарот за едукација и развој (ЦЕД).
Настанот понуди богат земјоделски саем со традиционални јадења и производи, презентирани од земјоделци, агрономи и ученици од општините Теарце, Јегуновце и Тетово, како и од државата и регионот. Традиционално, на крајот посетителите беа послужени грав и алва, кои беа подготвувани денес на самото место.

-Фестивалот, кој започна во 2010 година со цел надминување на етничките бариери и обединување на локалната заедница, и годинава привлече бројни учесници и посетители на регионално, национално и меѓународно ниво, зацврстувајќи ја својата улога како симбол на културна разноликост и локална традиција, изјави Метин Муареми, од ЦЕД.

За најмладите беа организирани креативни активности со боење на лице и игри, а културно-уметничката програма ја збогатија настапите на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, КУД „Јени Хајат“ – Тетово и КУД „Џеладин Зеќири“ – Тетово. ас/аа/
Фото: ЦЕД