Одложено рочиштето за случајот со родилката од Дебар, Медицински факултет-Скопје треба да одговори зошто биле избрани надворешни членови на тимот за супер вештачењето
- Поради надворешни членови на тимот кој го изработил супер вештачењето за случајот со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која и беа отстранети три органи по породувањето во Струшката општа Болница денеска беше одложено судското рочиште во Основниот суд во Струга.
![Одложено рочиштето за случајот со родилката од Дебар, Медицински факултет-Скопје треба да одговори зошто биле избрани надворешни членови на тимот за супер вештачењето](https://mia.mk/images/20250214151344_big_730x400_51.webp )
Струга, 14 февруари 2025 (МИА) - Поради надворешни членови на тимот кој го изработил супер вештачењето за случајот со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која и беа отстранети три органи по породувањето во Струшката општа Болница денеска беше одложено судското рочиште во Основниот суд во Струга.
Одбраната на обвинетите лекари гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, Игор Петковски, образложи дека комисијата која требало да го изработи супер вештачењето требало да биде составена од професори на Медицинскиот факултет - Скопје. Во случајот само еден од членовите бил од таа институција, додека останатите двајца, биле професор од Медицинскиот факултет во Штип и докторка која имала своја приватна здравствена ординација.
Судечкиот судија Јордан Јованов донесе решение Медицинскиот факултет во Скопје да одговори зошто биле избрани надворешни членови при носењето на одлуката.
- Приговорот се однесува на тоа дека се повикувани надворешни членови, но и истакнато е дека тој што е носител на тимот е дел од Судско-медицинскиот одбор на кого е доверено вештачењето. Сега ќе треба од страна на институцијата да се произнесат дали при формирањето на тимот имало некакви пречки, поради што се барани надворешни членови или се прескокнати членовите од некоја неоправдана причина. Заради таа цел го дадовме на произнесување и откако ќе го добијам одговорот ќе одлучам дали вештачењето ќе биде прифатено како доказ или не, изјави Јованов.
Адвокатот на оштетената, Сашо Јанев уште еднаш повтори дека обвинитетите во оваа постапка нема да избегнат одговорност, забележувајќи оти супер вештачењето се поклопува со првото вештачење.
- Одбраната совршено си ја врши својата работа, но одбраната кога ќе е во очај, презема очајнички чекори. Тоа се случи денес. Ова не е прво супер вештачење, јас не верувам дека Медицински факултет ќе направи таков аматерски почетнички чекор што ќе се рефлектира како штетен настан по однос на супер вештачењето. Овде суштината е што супер вештачењето покажува кој направил пропусти во оперативниот зафат. И не треба ние да се грижиме. Рокот за застареност на делото уште трае. Ви гарантирам дека ќе има пресуда. Длабоко верувам дека ќе има осудителната пресуда од сторителите на ова дело, рече Јанев.
Веапоска кажа дека очекува правда и оти благодарение на супер вештчаењето се надева дека ќе произлезе.
- Очекувам и барам од судот, судијата и обвинителката да има пресуда и да има затвор. Да нема условна казна и еднаш засекогаш да знаат докторите дека ако има лекарска грешка треба да одговараат, да имаат одговорност за секое сторено кривично дело, изјави Веапоска.
Барањето за супер вешташење до Медицинскиот факултет во Скопје Судот го испратил по рочиштето одржано на 23 април минатата година, за што чекаше одговор скоро 10 месеци.
Одлуката беше донесена поради неусогласување на вештачењата на вешти лица од Судска медицина побарано од Обвинителството и на техничкиот советник на барање на обвинетите. Според вештачењето на тројцата вештаци од Институтот за судска медицина влошувањето на состојбата на Веапоска дошло поради погрешни постапки од здравствените работници, додека вештачењето на техничкиот советник професор доктор Драге Дабески покажува дека обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку со дејствувањето и бил спасен животот.
Судскиот процес со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породувањето со царски рез, во Болницата во Струга и беа отстранети матка, јајник и бубрег почна во 2022 година. Три пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии, а делото застарува во 2026 година. сс/аа/
Фото МИА