• вторник, 07 мај 2024

Одземен медал на шкотска маратонка поради користење автомобил

Одземен медал на шкотска маратонка поради користење автомобил

Глазгов, 19 април 2023 (МИА) – Шкотската атлетичарка на долги патеки Јоасија Закрзевски (47) остана без освоениот бронзен медал на ултра маратонот во Ливерпул, откако е откриено дека за време на трката користела автомобил.

Закрзевски на трката долга 80 километри од Манчестер до Ливерпул го освои третото место, но дополнително е утврдено дека за време на трката минала четири километри со возило пред да продолжи да трча кон целта.

Случајот е откриен откако директорот на трката Вејн Дринквотер добил известување дека еден учесник во трката стекнал „неспортска, натпреварувачка предност за време на натпреварувањето“.

„Откако ги прегледавме податоците од нашиот систем за следење на трката, изјавите од нашиот тим, другите учесници, како и од самата натпреварувачка, можеме да потврдиме дека ултрамаратонката е дисквалификувана бидејќи за време на трката користела автомобил“, изјави Дринквотер, додавајќи оти на Закрзевски ѝ е одземен бронзениот медал.

Закрзевски, која ја претставуваше Шкотска во маратон на Игрите на Комонвелт во 2014 во Глазгов, нагласи дека нцидентот е резултат на погрешна комуникација.

„Направив огромна грешка, бидејќи го примив медалот, кој требаше да го вратам. Не беше злонамерно, тоа беше погрешна комуникација. Никогаш не би мамела со намера, но не сакам да барам изговори“, рече 47-годишната лекарка, која живее во околината на Сиднеј во Австралија. ег/јт/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан