• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
9 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 април. Денеска е Св. свештеномаченик Василиј Амасиски. Василиј, епископот на град Амасија, пострада како жртва на повампиреното паганство заради личните страсти на Ликиниј, кој царуваше со поделената Римска империја во почетокот на четвртиот век заедно со светиот цар Константин Велики. Ликиниј, кој лицемерно дури и ја прими христијанската вера, беше оженет за сестрата на Константин. Но, се запали со страст кон некоја прислужничка на дворот, по име Глафира, христијанка, која мораше да избега од главниот град за да се спаси од страста на царот. Отиде во Амасија, а таму ја прибра локалниот епископ Василиј. Во тоа време во Амасија се градеше првата црква и во таа прилика Глафира и напиша писмо на својата заштитничка, царицата Констанца, молејќи ја да ја помогне изградбата. Оваа одговори со писмо, кое падна во рацете на мажот и Ликиниј. Кога Ликиниј дозна за местото каде се беше прибрала Глафира, по логиката на својата паганска природа се разгневи и испрати луѓе да ја доведат во престолнината, заедно со епископот. Во меѓувреме Глафира се упокои, а во Никомидија беше доведен само Василиј. Царот го изведе на суд зашто ја прикривал Глафира и заради својот лажен мотив го осуди свети Василиј на маки, а потоа и на смрт. Тој беше обезглавен и фрлен во морето. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Кристофор. Живеел во третиот век. Поради верувањето во Христос, за време на прогонствата на Дечиј, бил мачен и убиен. Според средновековниот писател, Јакобс де Вораџине, Кристофор бил јунак кој сакал да му служи на најмоќниот господар. Бил во служба на кралот, потоа на царот, а на крајот и на ѓаволот. Но, кога во текот на едно патување забележал дека ѓаволот се плаши од свети Христос, стапил во служба на Христос. На свети Кристофор му се молат возачите за да ги чува од несреќа. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 47 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 22 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан