• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
9 октомври 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 септември. Денеска е Св. апостол и евангелист Јован Богослов. Еве еден цврст столб на Црквата Христова. Духовен орел што ги достига најголемите височини на богопознанието. Евангелист што ги достига најголемите длабочини на човечката природа. Прв меѓу богословите. Прв меѓу проповедниците на љубовта. Тој е оној кого Христос го нарече син на громот, и тоа не заради неговата телесна жестокост, туку заради огнот на божествената љубов што непрестано пламти во него. Откако беше повикан, овој просто се залепи за својот Спасител и присуствуваше на најважните настани од Христовиот живот. Остана заедно со Богородица под Христовиот крст и кога сите други апостоли се разбегаа. По Христовото воскресение ја чуваше Богородица се до нејзиното успение. Потоа се настани и Го проповедаше распнатиот и воскреснатиот Христос во Ефес, на егејскиот брег на Мала Азија. Единствен од апостолите умре со природна смрт, кога имаше повеќе од 100 години, во Ефес. Го напиша четвртото Евангелие, три апостолски посланија и Откровението. Сите тие книги се дел од канонот на Новиот завет. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Дионизие. Живеел во третиот век по Христос. Им го проповедал Евангелието на некрстените во Франција во малото место Лутетиа Парисиорум, од кое подоцна се развил денешниот град Париз. За време на римскиот цар Валеријан, му била отсечена главата на местото кое денес се нарекува Монмартр, а закопан е на местото кое денес се нарекува Сент Дениз, и двете лоцирани во Париз. Како што градот се развивал, така се повеќе се ширела почитта кон него, како во Франција, така и во светот. Неговиот лик се наоѓа на воените знамиња на француските кралеви. Нему верниците му се молат за оздравување од главоболка. ###

Остани поврзан