• понеделник, 25 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
16 септември 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 септември. Денеска е Св. свештеномаченик Антим. Во почетокот на четвртиот век, за време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан, свети Антим веќе беше седокос старец. Тој инаку беше епископ на Никомидија, онаа Никомидија која во текот на гонењето при спомнатите цареви даде голем број маченици. Во текот на целото тоа гонење тој беше поглавар на таа храбра црква, а својот плоден живот исто така го запечати со мачеништво. А тоа се случи вака. Епископот Антим се беше повлекол во едно село, Оман, и оттаму ги храбреше христијаните. Едно негово писмо дојде до рацете на царот Максимијан, кој испрати војници да го фатат епископот. Овие дојдоа во Оман, каде ги прифати еден седокос старец, ги нагости, а потоа им рече дека тој е оној кого го бараат. Војниците го убедуваа старецот да се скрие, но Антим одлучи да појде со нив. По патот сите поверуваа во Христа и се крстија. А свети Антим беше изведен пред царот, мачен и погубен со секира. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Корнелиј и Кипријан. Корнелиј станал папа во 251 година. Во борбата против кривоверците му помогнал Кипријан. Царот Гал го протерал и тој умрел маченички во 253 година. Кипријан потекнувал од Картаге. Станал свештеник и бил назначен за бискуп во 249 година. Во времето на прогонствата на христијаните Кипријан управувал со црквата. По прогонствата на Валеријан умрел во 258 година. ###

Остани поврзан