• четврток, 27 јуни 2024

Од верските календари

Од верските календари
4 април 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 22 март. Денеска е Св. свештеномаченик Василиј Анкирски. Свети Василиј живееше во четвртиот век. Беше прочуен презвитер на Анкирската црква. За верата се бореше против Аријанците и поради тоа многу претрпе за време на римскиот цар Константин. Кога на престолот дојде царот Јулијан Отстапникот, Василиј отворено ја разобличуваше неговата нечеститост. Поради тоа, беше ставен на маки и во текот на неколку денови, мачителите му отсекуваа парчиња од кожата. Но, свети Василиј сето тоа мажествено го истрпи и ја предаде својата душа за Христа во 363 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Воскресение Христово (Велигден). Денеска католиците ширум светот го слават најголемиот христијански празник, Воскресение Христово (Велигден). Исус сам го оживеал своето мртво тело и на тој начин докажал дека Тој е Семожен Господ. Најголем доказ за своето божество дал кога излегол жив од гробот и се појавил пред својата мајка, заплашените пријатели и апостолите. Распнатиот и убиен Исус, воскреснал. Исчезнала темнината на Велики Петок и заблескало утрото на воскресението. Тоа светло веќе две илјади години на сите луѓе со добра волја им го покажува патот кон среќата и спасението. ###

Остани поврзан