• вторник, 05 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
6 февруари 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 24 јануари. Денеска е Преподобна Ксенија Римјанка. Ксенија потекнуваше од римско аристократско семејство. Во семејството го доби името Евсевија. Сакајќи да ја омажат, родителите подготвија свадба, но Евсевија тајно го напушти домот и, заедно со две свои поранешни слугинки, го започна монашкиот подвиг на островот Коа. Таму и се нарече Ксенија, што значи туѓинка. Подоцна, сите три се преселија во карискиот град Милас. Таму останаа до крајот на своите земни животи. Грижливо чуваната тајна на преподобна Ксенија, поранешната Евсевија, ја откри една од нејзините сестри после нејзината смрт, зачувувајќи го на тој начин ова чудесно сведоштво за Црквата Христова. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Павао Мики. Бил роден во Јапонија, во 1564 година. Стапил во Дружината на Христос и со голем успех го проповедал евангелието на сонародниците. Во екот на прогонството против католиците бил фатен заедно со 25 другари. Тие биле навредувани и во Нагасаки распнати на крст. Во 1597 година претрпеле маченичка смрт за Христос. ###

Остани поврзан