• четврток, 16 мај 2024

Од верските календари

Од верските календари
21 ноември 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 ноември. Денеска е Собор на св. архангел Михаил. Овој празник е утврден во четвртиот век, за да го дефинира правилното почитување на ангелите. Празниот е во чест на сите ангелски чинови. Наречен е Собор на свети архангел Михаил, зашто архангел Михаил е војвода на целата ангелска војска. Учењето за ангелите е инаку собрано во книгата на псевдо-Дионисиј Ареопагит „За небесната хиерархија“. Постојат девет ангелски чинови: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими, богоносните Престоли, потоа Господствата, Силите, Властите, Начелата, Архангелите и Ангелите. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Празник на Богородица за здравје. Кога во 1630 година на подрачјето на Млетачката република пустошела чума, која во Венеција покосила 80.000 животи, млетачкиот Сенат и се обратил на Богородица за помош. Било направено ветување на денешен ден во 1631 година, дека, ако исчезне чумата, ќе биде изградена црква. Ветувањето било исполнето, а величенствената црквата и денес ја посетуваат туристите кои доаѓаат во Венеција. Во болеста, човекот ја чувствува својата ограниченост, немоќ, слабост и затоа му е потребна морална сила. Таа помош, човекот ќе ја добие молејќи и се на Марија, т.е. на Празникот за Здравје. ###

Остани поврзан