Од верските календари
- 27 септември 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 септември. Денеска е Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден (строг пост).
27 септември 2020 (МИА)
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 септември.
Денеска е Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден (строг пост).
Денешниов празник е органски поврзан со вчерашниот празник, празникот на осветувањето на црквата на Христовото воскресение во Ерусалим. Имено, во истата таа црква беа сместени остатоците од чесниот крст на кој беше распнат Христос, а кој крст го пронајде мајка му на цар Константин Велики, царицата Елена. Уште еден настан, освен пронаоѓањето на чесниот крст, е поврзан со овој празник, а тоа е неговото враќање од Персија каде што беше однесен по персиското освојување и разорување на Ерусалим во седмиот век што се случи за време на византискиот император Ираклиј (628). А најважното што се слави денес е крстот како символ на победата над светската суета, симбол на смирениот бунт на внатрешниот човек.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Винко Паулски.
Роден е во Аквитанија, во 1581 година. Во младоста одлучил да стане свештеник. Завршил теолошки науки и станал свештеник. Ја основал конгрегацијата за мисија позната под името Лазаристи со цел да им помага на сиромашните. Мисионерите на свети Винко Паулски се распространети насекаде низ светот. Многу од членовите на оваа дружина ги загубиле животите како маченици во Кина. Во соработка со света Лујза Марилац, свети Винко Паулски ја основал конгрегацијата на милосрдните сестри за негување на болните лица. Умрел во Париз, во 1660 година.
###