• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
18 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 5 април. Денеска е Св. маченици Агатопод и Теодул. Во времето на императорот Диоклецијан свети Агатопод беше ѓакон, а свети Теодул отец во Солунската црква. Првиов веќе беше во поодмината возраст. Кога започнаа прогоните, овие двајца беа изведени на суд и како и многумина други низ целото царство беа осудени на смрт само поради името христијанин. Откако поминаа некое време в затвор, Агатопод и Теодул беа изведени и фрлени в море со големи камења околу вратот. Нивните тела, кои подоцна испливаа на морската површи¬на, ги прибраа локалните христијани и чесно ги погребаа. Свети Агатопод и Теодул пострадаа за Христа во 303 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Благословена Марија од Втелотворување. Била родена во 1566 година, во Париз. На 16-годишна возраст чувствувала дека Господ ја повикува во редовнички живот. Но, според планот на нејзините родители, на 30-годишна возраст се омажила и била примерна жена и мајка. Учела како светоста може да се постигнува и надвор од манастирот. Во тоа и помогнал свети Фрањо Салешки. Во 1613 година нејзиниот сопруг се разболел. Кога тој умрел, Марија се тешела со Господовото просветлување кое ја спасило, а потоа веднаш стапила во кармеличанскиот ред. Умрела во 1618 година. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:24 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 2 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан