• четврток, 26 март 2026

Одбележување на Деновите на европското наследство 2025  

Одбележување на Деновите на европското наследство 2025  

Брисел, 2 септември 2025 (МИА) – По повод Деновите на европското наследство 2025, кои годинава се посветени на архитектурата, денеска илјадници згради и културни установи ширум Европа ќе ги отворат своите врати за посетителите, а ќе бидат организирани и туристички тури, изложби, работилници, претстави и дигитални перформанси. 

- Фокусот оваа година е на архитектурата, не само како наследство што треба да се зачува, туку и како жив запис за тоа како заедниците живеат, се прилагодуваат низ генерациите и обликуваат поодржлива иднина, соопшти Европската комисија. 

Целта на ставањето на фокусот на архитектурата е да се даде поширока претстава за значењето на зградите во пракса, како се тие направени, кому му користат и како ги одразуваат променливите потреби низ општествата. 

- Идентитетот на секој град, село и населено место низ Европа е обликуван од неговата архитектура. Таа дава значење и чувство на припадност на местата што ги нарекуваме дом, изјави еврокомесарот за меѓугенерациска праведност, млади, култура и спорт Глен Микалеф, по повод одбележувањето на Европските денови на наследството.  

Според него, начинот на кој го заштитуваме и цениме нашето архитектонско наследство ја одразува онаа Европа што сакаме да им ја пренесеме на идните генерации.  

- Зачувувањето на тоа наследство е почит кон нашето минато, а воедно и градење поинклузивна културна, социјална и еколошка иднина, додаде Микалеф. 

Деновите на европското наследство се чествуваат од 1989 година на иницијатива на Советот на Европа, а од 1999 година кон нивното одбележување се приклучи и Европската комисија, финансирајќи проекти преку програмата „Креативна Европа“. Само за овогодишните Денови на европското наследство, Еврокомисијата одвои 400.000 евра. 

Покрај, големиот број настани и манифестации во рамки на Деновите на европското наследство се доделуваат и награди насловени „Европа Ностра“ за извонредни достигнувања кои промовираат најдобри практики и поставуваат нови стандарди во зачувувањето и промоцијата на материјалното и нематеријалното наследство на Европа. 

Добитниците на овие награди за 2025 година ќе бидат објавени на посебна церемонија на 13 октомври во Брисел. сп/са/ 

Фото: Европска комисија 

Остани поврзан