• петок, 05 декември 2025

Одбележан празникот Свети Константин и Елена во Илинден

Одбележан празникот Свети Константин и Елена во Илинден

Скопје, 3 јуни 2025

 

Во духот на православната традиција, денес во oпштина Илинден беше одбележан празникот на светите рамноапостоли Константин и Елена. По тој повод, во црковниот храм кој го носи нивното име – „Св. Константин и Елена“ – се одржа света литургија, на која чиноначалствуваа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и преосветениот Епископ Дељадровско-Илинденски г. Јоаким со повеќе свештенослужители од Македонската православна црква.

На литургијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој со своето присуство ја изрази поддршката на локалната самоуправа за одржување на духовните и културните вредности. Градоначалникот им го честиташе празникот на сите православни верници и упати срдечни честитки до сите кои го носат името на светите Константин и Елена, посакувајќи им здравје, радост и духовен мир.

Молитвено и со голема побожност, на литургијата присуствуваа и голем број верници од општината и пошироко, кои дојдоа да го одбележат овој голем христијански празник, посветен на императорот Константин Велики и неговата мајка Елена – личности со значајна улога во ширењето и утврдувањето на христијанството.

Општина Илинден - Одделение за поддршка на Градоначалникот

Фото: Општина Илинден

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан