• понеделник, 25 ноември 2024

Одбележан Денот на Првата пешадиска бригада

Одбележан Денот на Првата пешадиска бригада
Скопје, 2 април 2022 (МИА) - Во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец во склоп на активностите по повод 30-годишниот јубилеј на Армијата, со воена свеченост беше одбележан Денот на најголемата борбена единица во Армијата - Првата пешадиска бригада. - Во оваа најголема армиска единица рамо до рамо различни, а единствени Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи ги покажувате својата стручност и своите највисоки способности и докажувате дека мултиетничноста е предност на нашата држава, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска обраќајки им се на припадниците на бригадата. Пред само една недела, посочи министерката, одбележавме две години од членството на Северна Македонија во НАТО. Токму припадниците на Армијата, потенцира, одиграа важна улога во реализација на оваа стратешка цел за државата. -  Со вашата стручност и подготвеност во извршувањето на обврските во меѓународните мисии ги добивте сите пофалби од командантите на армиите на земјите сојузнички и покажавте дека Армијата на Северна Македонија не случајно е НАТО армија. И тоа го докажувате секојдневно. Вие припадниците на Првата пешадиска бригада најдобро ќе ги претставите своите способности и борбена подготвеност веќе од утре кога започнува вежбата „Блесок 22“, рече Петровска. На оваа вежба, додаде, лесниот пешадиски баталјон ќе покаже се што може за да ја добие првата оценка согласно стандардите на НАТО. - Лично јас сум убедена дека ќе бидете високо оценети. Не случајно лесниот пешадиски баталјон е од вашиот состав. Вие ја имате довербата да ја претставите својат држава пред сојузниците во најдобро светло, посочи Петровска. Заедно со сојузниците, додаде таа, оваа пролет дел од вас на полигонот Криволак ќе земат учество во најголемата вежба досега изведена во земјава, а тоа е вежбата „Свифт риспонс“ со над четири илјади учесници од осум НАТО земји – САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Грција, Црна Гора, Албанија и нашата држава. - Оваа пролет заедно со сојузниците на нашиот полигон Криволак ќе го покажете единството на НАТО, но и способноста на армиските припадници од сите сојузнички земји и перформанските на плигонот за изведување на најкомплексни вежбовни операции, нагласи Петровска. Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини во своето обраќање истакна дека од самиот почеток, развојот на бригадата е цврсто поврзан со развојот на нашето општество, ја одразува трансформацијата на нашата одбранбено-безбедносна заедница. - Во изминатите години во континуитет работевме на подобрување на способностите и вештините на нашите состави од областа на операции и борбена готовност. Тој континуитет се должи на растот на процентот на издвоени финансиски средства од бруто домашниот производ кои се вложија за модернизација и опремување на Армијата согласно долгорочниот план за развој и модернизација. Како резултат на тој процес нашиот статус на подготвеност е значително зголемен и подобрен, потенцира Емини. Денес, посочи тој, одвраќањето и колективната одбрана се на чело на се што планираме, вежбаме и се подготвуваме. - На национален план ќе продолжиме да вложуваме напори за стекнување на кохезија меѓу единиците и командите. Во овие бурни времиња единството и солидарноста се клучни, затоа нашиот клучен приоритет мора да биде одржување на нашата борбена готовност како дел од најголемиот сојуз во светот НАТО. Да се подготвуваме и со предвидлив конзистентен начин да придонесуваме за мирот и безбедноста во светот, порача Емини. Командантот на бригадата, полковник Сашко Лафчиски посочи дека денешниот ден е ден кога се сеќаваме на минатото, на корените и аманетите оставени од Илинденците, борците од народноослободителната борба и сите оние кои се бореа за нашата слобода и независност. - Денеска е денот кога им оддаваме признание на сите поранешни команданти, офицери, подофицери и војници за нивната работа и придонес во градењето на едницата. Во годината кога ја одбележуваме 30-годишнината од формирањето на Армијата и две години од полноправното членство во НАТО со гордост можам да констатирам дека Првата пешадиска бригада продолжува да биде круцијалната борбена сила и ударната тупаница на Армијата секогаш подготена да застане на браникот на татковината во одбрана на националните интереси, територијалниот интегритет и суверенитет, рече Лафчински. Потенцира дека се исклучително и безрезервно посветени кон исполнување на зададените НАТО цели на способности. - Само изминатата година како резултат на долгоочекуваните курсеви, бригадата се пополни со потребниот број на професионални војници кои континуирано ги обучуваме согласно НАТО стандардите. Верувам дека високите резултати ќе ги крунисаме со позитивна оценка од НАТО евалуацијата на борбената готовност на лесниот пешадиски баталјон која ќе започне за неполни 48 часа за време на вежбата „Блесок 22“. Со тоа, формално ќе го заокружиме исполнуивањето на критериумите предвидени според НАТО целите на способност, додаде Лафчински. На воената свеченост присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, военото раководство од Генералштабот и потчинетите команди, генералите во Армијата, поранешни команданти на единицата и други гости. Притоа се прогласи најдобра единица од составот на бригадата, се доделија стимулативни мерки и награди и се изведе кратка културно-забавна точка. На крајот од свеченоста единиците од составот на бригадата изведоа свечено дефиле. Првата пешадиска бригада го одбележува 2 април, како датум кога пред десет години оваа единица ги презема задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност од повеќе армиски родови. Воената свеченост, како една од организираните активности по повод 30 години од постоењето на Армијата, симболично беше посветена и на почетоците на формирање на првите армиски структури на Армијата по преземањето на сите воени објекти и подготовките за прием на првите регрути. мс/бк/

Остани поврзан