• недела, 22 декември 2024

Одбележани 68 години од мавровската снежна трагедија

Одбележани 68 години од мавровската снежна трагедија

Гостивар, 9 февруари 2024 (МИА) – Со пригоден собир и оддавање почит на загинатите градители на хидро-енергетскиот систем „Маврово“ во снежни лавини, на споменикот до браната во Маврови анови се одбележаа 68 годишнината од трагичниот настан.

- Во недела, се навршуваат 68 години од големата февруарска трагедија која се случи во овој регион. Ноќта на 10 спроти 11 февруари во далечната 1956 година, од снежните лавини што го зафатија мавровскиот регион загинаа 52 градители, граничари и мештани на мавровскиот хидроенергетски систем. Уште еднаш сакаме да им дадеме до знаење на сите наши вработени, дека луѓето што загинаа во ова трагедија вечно не задолжија, положувајќи ги своите животи, рече Томче Јанески раководител на градежната служба на ХЕС „Маврово“.

Тој напомена дека во знак на сеќавање е подигнат споменик од 1957 година и од тогаш редовно се одржува традиционалниот спортски натпревар во скијачко трчање „Мавровски меморијал“.

Мавровската снежна трагедија, предизвикана од нагло топење на снегот, предизвикало лавини по долината на Радика (во околината на селата Рибница, Торбешки мост и Стрезимир). Од планината Кораб, снежни лавини се урнале врз куќи, бараките на градителите на мавровскиот хидроенергетски систем и караули, при што биле затрупани стотина луѓе. Спасувачките екипи успеале да извлечат само половина од нив.

Споменикот на градителите близу браната во село Маврови Анови е подигнат во 1970 година, а ја симболизира нивната храброст и пожртвуваност. згм/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан