• петок, 20 декември 2024

Одбележани 20 години од формирањето на ЕБР, „Секогаш и секаде!“

Одбележани 20 години од формирањето на ЕБР, „Секогаш и секаде!“
Скопје, 23 август 2021 (МИА) – Единицата за брзо распоредување (ЕБР) при Министерството за внатрешни работи е единица која по својот состав, улога, професионални специфики, како што впрочем и напишав во воведниот текст од монографијата по повод овој дводецениски јубилеј на нашите колеги од ЕБР, претставува клучна алка во остварување на полициските цели на безбедноста, а тоа е заштита на сигурноста, слободите, правата, материјалните добра на граѓаните, како и заштита на правниот поредок, на јавниот ред и мир, овозможувајќи внатрешна сигурност и стабилност на државата. Ова го нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното обраќање на пригодната свеченост, по повод одбележувањето 20 години од нејзиното формирање, што се одржа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ во Скопје, а каде пред присутните гости се обратија и премиерот Зоран Заев и командантот на ЕБР, Вице Столески. Македонската полиција, нагласи Спасовски, денеска одбележува уште еден, исклучително значаен настан 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, организациона структура која што темелно е позиционирана во нашиот систем на полициско функционирање и дејствување. -  И притоа, дозволете ми да го споделам не само своето лично, туку и општо уверување дека сите нејзини припадници од 2001-та година, кога е формирана Единицата, па сѐ до денес, преку своите активности, трансформации, вложен труд, врвни обуки, професионализам и постигнати видливи резултати, сето тоа недвосмислено го докажаа и покажаа, овозможувајќи оваа полициска организациона единица да биде она што е денес: суштински неопходна полициска формација, особено во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување во оној севкупен концепт на европски полициски систем на безбедност, кон кој што целиме и интензивно го градиме во изминативе неколку години, истакна министерот Спасовски. И токму заради тоа, рече тој, а свесни за важноста на ваквиот вид полициска служба, нужно сме насочени кон натамошно континуирано внимание и грижа за развојот и работата на ЕБР, се разбира, поаѓајќи од примарниот мотив да ги постигнеме и одржиме оние највисоки европски и светски полициски стандарди во доменот на функционирањето и работата на полициските формации од овој тип. Министерот Спасовски оцени дека самата единица односно нејзините припадници, кои зад себе имаат обуки до совршенство, во сложени, сурови, геопросторни и тактички услови, преку нивната високо-професионална оспособеност, организациона и функционална прилагодливост кон потребите и целите на полициското работење, како и преку изразената волја и стремеж кон нови знаења и уште повисоки дострели, како што рече, толку очигледно ги нудат сите аргументи за натамошно инвестирање во нејзиното професионално профилирање, модернизирање и надградба. - Препознавајќи ги важноста и континуитетот на единицата, како организациона структура од посебен интерес и значење за МВР, таа е силно инкопорирана во нашите засилени ангажмани изминативе неколку години за поинтензивно, како материјално-техничко, така и стручно унапредување на полицијата, во рамки на сеопштите безбедносни реформски процеси, рече Спасовски. Почнувајќи од 2017 година, потсети тој, се реализира динамичен процес на материјално-техничко оспособување на полициските служби и на полициските службеници, притоа потпирајќи се претежно на сопствени средства, односно средства од буџетот на Министерството, па во тие реализирани планови и проекции е опфатена и Единицата за брзо распоредување, односно сите нејзини припадници. - Како во поглед на личната опременост на полициските службеници преку набавката на униформи, така и во поглед на подобрување на објектите и инфраструктурата што тие ја користат во секојдневното работење. Така, пред неколку месеци за припадниците на Единицата за брзо распоредување се обезбедени три различни видови униформи (урбана маскирна, рурална маскирна и униформа за услови на нарушен ЈРМ во поголем обем и апсење на опасни лица), како и спортска опрема. Се разбира, во тек се и дополнителни инфраструктурни работи, опремување со современи средства, оружје и возила, а во нашите идни инвестициски планови, бездруго, единицата и нејзините припадници ќе бидат неизоставен дел во кој што треба и мора да се константно да се вложува, вклучително и во натамошното професионално образование, тренинзи по највисоки стандарди, следејќи го примерот на европските специјални сили. Притоа, оваа високофункционална единица, која е способна самостојно или во координација со други служби да извршува сложени задачи, покрај тоа што го негува мултиетничкиот карактер, посветува внимание и на родовата еднаквост во своите редови, истакна министерот Спасовски. Тој потенцира дека во овие времиња на исклучително сериозни глобални и општествени предизвици, токму припадниците на ЕБР беа и се во првите редови на системското спречување, заштита и превенција – тргнувајќи од беспрекорно извршуваните задачи во поглед на актуелната пандемија со Ковид- 19, па сѐ до целосната деноноќна партиципација буквално на сите нејзини припадници во превенцијата и заштитата од елементарните непогоди, односно во борбата со пожарите, како опасна закана со којашто се соочивме во изминатиов период во повеќе региони од државата. - Во градењето на актуелниот особено позитивен статус што македонската полиција го ужива не само дома, туку и како респектабилен партнер, активно анагажирана во мноштвото регионални и меѓународни иницијативи, операции, проекти, во мноштво области од безбедносната сфера, заслугата ја имаат сите полициски служби, вклучително и Единицата за брзо распоредување, чиј слоган не случајно гласи:„Секогаш и секаде!“, рече министерот Спасовски. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази  уверување дека во наредните годините заедно ќе вложуваме, како што рече, дополнителни и уште поголеми напори во натамошниот раст и развој на Единицата, оти целта е, исто така, заедничка – градење на полиција што ќе биде не само сервис на граѓаните, туку и гарант за нивната сигурност и спокој. цр/са/

Остани поврзан