Одбележана годишнината од Бригадата на Југоисточна Европа
- Во кумановската касарна „Боро Менков“ во Куманово денеска беше одбележана годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.
Куманово, 3 септември 2025 (МИА) - Во кумановската касарна „Боро Менков“ во Куманово денеска беше одбележана годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.
- Горди сме што Куманово е домаќин на вакви значајни настани кои ја потврдуваат важноста на регионалното и меѓународното партнерство и соработка, објави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој присуствуваше на одбележувањето.
На свеченоста присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, генерал Георгита Влад, началници и нивни заменици од земјите партнери на командата на SEEBRIG, амбасадори и воени атешеа.

Присутните имаа можност да ја проследат церемонијата на примопредавање на претседателството на SEDM-CC/PMSC и воена парада.
Бригадата на Југоисточна Европа беше формирана во 1998 година во Скопје, каде беше потпишан Договорот за формирање мултинационалната мировна сила Југоисточна Европа. Командата на Бригадата досега на ротациона основа беше сместена во Пловдив, Констанца, Истанбул, Трнавас, Лариса и Куманово. Во 2026 година, командата повторно ќе биде лоцирана во Истанбул.
Во текот на изминатите 26 години, Бригадата учествуваше во бројни мировни мисии, меѓу кои и во ISAF мисијата во Авганистан, каде ја презеде командата над кабулската мултинационална бригада. Исто така, организирани беа 14 биенални вежби „Seven Stars“, кои се најзначајни во регионот и вклучуваат учество на повеќе од 200 војници од девет земји. ам/бак/
Фото: Општина Куманово