• недела, 22 декември 2024

„Огранокот на партијата на Ердоган“ во Германија ќе учествува на изборите за ЕП 

„Огранокот на партијата на Ердоган“ во Германија ќе учествува на изборите за ЕП 

Брисел, 30 јануари 2024 (МИА) - Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе учествува на изборите за членови на Европскиот парламент преку својот огранок во Германија, Демократската алијанса за различност и будење (Дава), тврди „Билд“.

Според весникот, листата на Дава ќе има четири кандидати, кои во изминатиов период активно агитирале во кампањите на АКП или работеле во организации што ја поддржувале оваа турска партија. 

Инаку, „Дава“ на турски јазик значи „случај“, додека во арапскиот јазик има значење на „повик“ или „покана“ за приклучување кон Исламот. 

Најавата за учеството на „огранокот на АКП“ на Европските избори, предизвика реакции меѓу германските партии, кои оценија дека ваквиот чекор придонесува за „дополнително влошување на политичката клима“ во Германија, како и дека евентуалниот влез на Дава во Европарламентот „ќе го зголеми турското влијание во ЕУ“. 

Според германскиот министер за храна и земјоделство и поранешен копретседател на партијата Алијанса 90/Зелени, Џем Оздемир на Германија не и е потребна учество на Дава на изборите. 

- Последното нешто што ни треба е огранокот на Ердоган да учествува на избори тука, објави Оздемир на Икс, кој и самиот има турско потекло. 

Најголемата опозициска партија во Германија, Христијанско демократската унија (ЦДУ), исто така, не ја поддржа ваквата најава. 

Според заменик-координаторот на Пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Јенс Шпан, „огранокот на Ердоган“ ќе е само уште една од екстремните партии во Германија.   

Мари-Агнес Штрак-Цимерман, која ќе биде носител на кандидатската листа на либералната Слободна демократска партија (ФДП) на Европските избори, оцени дека најавата на Дава дека ќе се бори за место во Европарламентот ја потврдува тенденцијата на појава на нови партии ширум Европа во пресрет на изборите. 

- Нивна единствена цел и намера е на крајот да ја распарчат Европа одвнатре. Мораме да сфатиме дека Европа никогаш не била под толку голем притисок, во однос и на надворешната и внатрешната политика, како што е сега, изјави Штрак-Цимерман за „Велт“. 

На парламентарните и регионалните избори во Германија има изборен праг од пет отсто, што им оневозможува на помалите партии да освојат места во Бундестагот или во парламентите на германските покраини. 

Но, на Европските изборите не постои изборен цензус што овозможува обезбедување на пратеничко место во Европскиот парламент со околу 0,7 отсто освоени гласови. Така на последните Евроизбори во Германија во 2019 година по еден европратеник освоија Партијата за заштита на животните (ТП), Еколошката демократска партија (ОДП), Партијата на семејствата на Германија (ФП), Волт Германија (Волт) и Пиратската партија на Германија (ППД). 

На германските Евроизбори во 2019 година учествуваа вкупно 41 партија, а во пресрет на овогодишните избори се формираа плејада нови партии, кои најверојатно ќе настапат со свои кандидатски листи зголемувајќи ја фрагментацијата на политичкиот пејзаж во Германија. 

Според податоците на германската Федерална статистичка служба (СТБА), околу 1,3 милиони државјани на Германија имаат турско потекло, што претставува околу 1,6 отсто од вкупното население во земјата. Доколку Дава успее да привлече поголем дел од гласовите на „турските Германци“, тогаш речиси сигурно ќе обезбеди пратенички мандат во Европскиот парламент. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан