• понеделник, 23 декември 2024

Објекти на ЈП „Водовод“ Куманово без струја, снабдувањето на жителите со вода редовно

Објекти на ЈП „Водовод“ Куманово без струја, снабдувањето на жителите со вода редовно
Куманово, 19 август 2022 (МИА) - Објекти на јавното претпријатие „Водовод“ Куманово се исклучени од напојување со електрична енергија, поради како што информираат надлежните од претпријатието во соопштението, енормното зголемување на цената на електрична енергија. И покрај ваквата состојба, кумановци ќе имаат безбедна вода за пиење, бидејќи електрична енергија има во филтер станицата.
Последната јулска сметка изнесува 8,9 милиони денари или 144.518.50 евра или девет пати повеќе во однос на сметката од јули, минатата година.
- Количеството на електрична енергија што ЈП „Водовод“-Куманово ја троши е идентично со потрошувачката во изминатите неколку години, меѓутоа за првите седум месеци од 2021 година за потрошеното количество на електрична енергија сметките изнесуваа 8,5 милиони денари, за потрошено исто количество електрична енергија во првите седум месеци од 2022 година сметките се во износ од над 40,5 милиони денари, а само за изминатиот месец јули, сметката на ЈП „Водовод“-Куманово за потрошена електрична енергија изнесува 8,9 милиони денари што е за девет пати поголем износ од истиот месец 2021 година, соопштија денеска од ЈП „Водовод“.
Од „Водовод“ велат дека исклучувањето на објектите се случило вчера и според нив станало невозможно навремено да бидат платени обврските за електрична енергија која ЈП „Водовод“-Куманово ја троши за навремено и квалитетно снабдување со вода за пиење и одведување и прочистување на отпадните води за потребите на граѓаните.
- Како јавно претпријатие кое првенствено одговара пред вас граѓаните, ве известуваме дека ваквата состојба се должи, исклучиво, на енормното зголемување на цената на електричната енергија за преку 500 осто, која согласно закон мораме да ја набавуваме на слободен пазар, велат од „Водовод“.
Оттаму појаснуваат дека со посветено вршење на дејноста, во услови на енормното зголемување на цената на електрична енергија, од почетокот на годината извршени се низа адаптирања и кратења на расходите при што во првите седум месеци успеале да исплатат повеќе од 14 милиони денари за потрошена електрична енергија, односно повеќе од вкупниот износ кој го платиле за електрична енергија за целата 2021 година.
- Овој финансиски резултат е испорачан и покрај блокадата на нашите сметки под која функционираме од 2013 година до денес. На овој начин во целост е искористен нашиот потенцијал за плаќање на електрична енергија, без, при тоа, да биде загрозена целокупната дејност. Дополнително ве известуваме дека за целиот период навремено се намируваат обврските спрема сите други добавувачи и уште еднаш потенцираме дека нема да дозволиме да биде загрозено испорачувањето на квалитетна вода за пиење до вашите домови, појаснуваат од „Водовод“.
Оттаму потсетуваат дека самото претпријатие и преку здружението на јавни комунални претпријатија „АДКОМ“, навремено алармирале за проблемот до ресорните министерства и до Владата.
-Настанувањето на овој проблем беше очигледно уште од јануарската сметка за електрична енергија за 2022 година кога ни беше фактуриран седум пати поголем износ од сметката за јануари 2021 година, за потрошено исто количество електрична енергија. До овој ден нема никаква реакција на нашите апели и укажувања, велат од „Водовод“.
Од „Водовод“ појаснуваат дека електричната енергија, пред сè, се троши за потребите на фабриката за преработка на вода, пречистителната станица за отпадни води и пумпните станици, додека административната зграда троши помалку од 100.000 денари месечно.
- Ова значи дека сите прекини на електрична енергија до ЈП „Водовод“-Куманово значително го отежнуваат нашето редовно функционирање, како и ја зголемуваат опасноста од еколошка катастрофа при пречистувањето на отпадните води. Сите наши корисници и сите граѓани на Општина Куманово ги уверуваме дека како и во минатото, така и во иднина, ќе ги употребиме сите можности со цел непрекинато и квалитетно снабдување со вода за пиење и одведување и пречистување на отпадни води, велат од „Водовод“.
Од кумановското претпријатие велат дека е изработен идеен проект за производство на електрична енергија од фотоволтаици кои ќе бидат поставени на пет локации на земјиште во сопственост на ЈП „Водовод“-Куманово, за кој се надеваат дека ќе биде реализиран наскоро. ам/вг/

Остани поврзан