Објавен Конкурс за преводи на драмски дела 2025
- Еуродрам – Европската мрежа за современа драма и превод распишува повик за споделување преводи на современи драмски дела од европски и блискоисточни јазици на македонски јазик. За 2025 година, Македонскиот комитет на Еуродрам ќе избере три најдобри преводи, кои ќе бидат споделени во мрежата со повеќе од 300 членови и 30 различни јазични комитети. Доколку условите дозволуваат, наградените преводи ќе бидат објавени и/или претставени преку јавни читања во 2025 година и препорачани за сценска изведба.
Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Еуродрам – Европската мрежа за современа драма и превод распишува повик за споделување преводи на современи драмски дела од европски и блискоисточни јазици на македонски јазик. За 2025 година, Македонскиот комитет на Еуродрам ќе избере три најдобри преводи, кои ќе бидат споделени во мрежата со повеќе од 300 членови и 30 различни јазични комитети. Доколку условите дозволуваат, наградените преводи ќе бидат објавени и/или претставени преку јавни читања во 2025 година и препорачани за сценска изведба. Рокот за пријавување е 15 јануари 2025 година.
Како што информира Македонскиот комитет на Еуродрам, потребно е да се исполнат овие услови: преводите не треба да бидат постари од пет години (направени по 1 јануари 2019 година), може да се достават најмногу пет преводи од ист преведувач, нема да се разгледуваат преводи што претходно биле пријавени на некој од конкурсите на Еуродрам. Ќе бидат оценувани преводи на македонски јазик на современи драмски текстови оригинално напишани на еден од европските и блискоисточните јазици. Преводи од јазици што имаат европско потекло, но развиле свои посебни форми, како, на пример, американски англиски или латиноамерикански шпански, нема да бидат разгледувани. Потеклото, државјанството или сегашното место на живеење на авторот и на преведувачот не се земаат предвид.
Главни критериуми за избор, како што се наведува, се: квалитетот на преводот и оригиналноста и квалитетот на драмскиот текст. Можат да се достават и преводи на драми што биле претходно објавени или изведувани. Предност ќе имаат преводите на современи драмски дела што досега не биле поставувани во Македонија.
Преводите треба да се достават по електронски пат на адреса dodovski@uacs.edu.mk, како посебни документи насловени според преведениот наслов на драмата, во .doc формат (не се прифаќа пдф формат). Дополнително, во еден посебен документ, за секој превод треба да се наведе информација: 1. име и презиме на преведувачот, со куса биографија до 100 збора, 2. име и презиме на авторот, со куса биографија до 100 збора, 3. јазик од кој е преведено делото, датум и место на преводот, 4. датум и место на пишување на делото, основни податоци за евентуални претходни изведби или публикување, 5. синопсис на драмата, до 100 збора, 6. евентуални други важни информации за драмата или за преводот.
Резултатите ќе бидат соопштени на 21 март 2025 година на http://eurodram.org/
Заинтересираните за дополнителни информации, како и за повикот за пријавување преводи на современи драмски дела од македонски на други јазици, можат да ја посетат веб-страницата на ЕУРОДРАМ http://eurodram.org/
Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни година секој јазичен комитет на ЕУРОДРАМ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и/или изведување. мд/сст/
Фото: Македонскиот комитет на Еуродрам