• петок, 20 декември 2024

Објавени списоци за примени бруцоши во студентските домови и резултати од приговори на студенти од повисоките години

Објавени списоци за примени бруцоши во студентските домови и резултати од приговори на студенти од повисоките години
Скопје, 4 октомври 2022  (МИА) - Министерството за образование и наука на својата веб-страница објави резултати од конкурсот за сместување бруцоши во студентски домови, како и резултати од приговори за сместување во студентски домови за студенти од втора и повисоки години на студии. Електронското пријавување за сместување студенти од втора до шеста студиска година и апсолвенти во државните и приватните студентски домови треше од 18 јули до 5 август, а за сместување на студентите од прва година, рокот за аплицирање беше од 5 до 16 септември 2022, односно по завршувањето на  првиот рок за упис на факултетите за академската 2022/2023 година. Според Конкурсот на МОН, слободни беа 4834 легла за редовни студенти на додипломски студии во 12 домови во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово. Од вкупниот број, 3669 легла беа наменети за студентите од втора до шеста година и апсолвенти, а 1165 се за студенти кои ќе се запишат во прва година. Со најмногу слободни места (1186) располага студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Следни по број на слободни места, според конкурсот, беа:  ДСД „Пелагонија“ во Скопје со 997 места и „Стив Наумов“ – трета зграда со 601 легло, покрај 138-те легла во новите бараки во овој студентски дом во главниот град. Студентите се сместуваат и во домовите: „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Кочо Рацин“ во Битола, „Никола Карев“ во Охрид, „Орде Чопела“ во Прилеп, ПСД „УЈИЕ“ во Тетово и во четири домови во Штип: ДСД „Браќа Миладиновци“, ПСД „Оаза“, ПСД „Хилјадников“ и ПСД „Логос“. Според Конкурсот, доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сѐ до нивното пополнување, но најдоцна до 15 ноември 2022. Согласно роковите за сместување наведени во Конкурсот, студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од десет дена од објавениот конечен список. хс/лв/

Остани поврзан