• петок, 05 декември 2025

Објавени добитниците на наградите на ЕУ за органски производи за 2025 година 

Објавени добитниците на наградите на ЕУ за органски производи за 2025 година 

Брисел, 24 септември 2025 (МИА) – По повод Денот на органските производи на ЕУ, Европската комисија ги објави седумте добитници на наградите на ЕУ за органски производи за 2025 година, кои со своите иновативни, одржливи и инспиративни проекти дават придонес кон развој на секторот на органско земјоделство.  

- Добитниците на наградите на ЕУ за органски производи се светли примери за тоа што може да се постигне во органското производство во Европа со комбинирање на највисоките еколошки стандарди со економската отпорност и социјалниот ангажман, порача еврокомесарот за земјоделство и храна Кристоф Хансен. 

Тој додаде дека со својата работа наградените докажуваат дека органското земјоделство не само што може да произведува одржливо, туку и да ја гради заедницата и да ја обликува иднината.  

- Ги почитуваме нивните достигнувања и ја славиме силата и потенцијалот на целиот органски сектор во Европа, додаде Хансен. 

Во образложението на наградите се нагласува дека добитниците одржуваат високи стандарди преку иновативни и одржливи проекти низ целиот европски синџир на органска вредност.  

- Нивната работа покажува како органското земјоделство и производство можат да донесат додадена вредност, да создадат заедници и работни места во руралните средини, да ги претворат амбициозните цели за одржливост во реалност и да ги зајакнат отпорните системи за храна ориентирани кон иднината, се додава во образложението. 

Наградата за „Најдобра органска земјоделка“ и е доделена на Албина Јасинска во Бугарија, која стопанисува со органската фарма за производство на млечни производи и месо, додека за „Најдобар органски земјоделец“ е прогласен Ливен Деврис од Белгија, кој поседува фарма која со органски земјоделски производи снабдува 150 семејства и локална психијатриска болница. 

За „Најдобро мало или средно претпријатие за преработка на органска храна“ е нагрдена мелницата „Јозеф Бротмануфактур“ од Австрија, кој целосно рачно произведува над 1.000 тони органско брашно годишно, „Наградата за најдобар органски ресторан или кетеринг на храна“ му е доделена на ресторанот „Пескиси“ на грчкиот остров Крит, кој нуди храна подготвена по традиционалните рецепти и од автохтони сорти под мотото „Од фарма до маса, од маса до фарма“, додека „Најдобар продавач на органска храна“ е маркетот „Радис и Бона“ од Германија, која нуди 100 проценти органски производи набавени директно од локални производители.  

Наградата за „Најдобар органски град“ му е доделена на португалскиот Валпасос, каде живеат 516 сертифицирани производители на органски земјоделски производи, како вино, маслиново масло и мед, додека за „Најдобар органски регион и биодистрикт“ е прогласен естонскиот округ Вору, каде сите училишта и градинки се снабдени со 20 отсто органска храна. 

За овогодинешното четврто издание на наградите за органски производи беа поднесени над сто апликации од цела ЕУ, при што во потесниот избор беа селектирани 21 кандидат од 13 земји. Наградите заеднички ги доделуваат Европската комисија, Европскиот економски и социјален комитет, Европскиот комитет на регионите, Комитетот на професионални земјоделски организации - Генерална конфедерација на земјоделски задруги и Меѓународна федерација на движења за органско земјоделство - Европа, со поддршка на Европскиот парламент и Советот на ЕУ. сп/ 

Фото: Европска комисија 

Остани поврзан