• понеделник, 23 декември 2024

Образовните асистенти од Град Скопје бараат да им се исплати задоцнетата плата

Образовните асистенти од Град Скопје бараат да им се исплати задоцнетата плата

Скопје, 27 март 2024 (МИА) – Образовните асистенти од Град Скопје бараат општината да им ги исплати заостанатите финансиски средства за кои подолг временски период, како што велат, им доцнат по месец или два.

Како што информира за МИА Илина Додева, денеска им било ветено дека средствата ќе им бидат исплатени.

- Дури чекавме пред Град Скопје нѐ повикаа и ни ветија дека има можност денеска до 14 часот да пуштат плата, ако не биде денеска, најдоцна до 14 часот до утре, изјави Додева.

Претходно, преку соопштение тие информираа дека кога се решиле на штрајк поради заостанати неисплатени средства за јануари, биле повикани на состанок на кој им биле образложени причините за доцнењето.

- На тој состанок ни го објаснија проблемот, кој гласеше дека: Буџетот на Град Скопје за 2024 сѐ уште не е изгласан и за тоа се виновни партиските војници кои се препукуваат околу точките на секоја седница. Нѐ замолија да почекаме до 14ти Март (датумот на седницата), и дека таму ќе се изгласа буџетот и веднаш ќе бидат исплатени средствата за веќе двата заостанати месеци (јануари и февруари) на нас – образовните асистенти, појаснуваат образовните асистенти.

Велат дека по изгласувањето на буџетот, им кажале дека треба да се чекаат уште седум дена за одлуката да излезе во Службен весник и веднаш потоа ќе бидат исплатени парите.

- Помина половина месец од тогаш. Сѐ уште немаме добиено нити денар од Град Скопје, велат образовните асистенти. ар/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан