• недела, 22 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
18 мај 2021 (МИА)  Малите приказни голем ум даваат Посникот и вдовицата праведница Живеел еден посник на една планина околу триесет години, се во пост и молитва. Дење, ноќе се метании чинел и Бога го молел, за Господ да го прости и да се посвети. На тоа згора посакал посникот од Бога за Господ да му покаже кој светија е токму посветен. Молејќи се така посникот, Господ сполај му, посакал да му јави кој е токму посветен и туку едно утро рано во зората едно излегол од посницата надвор, ги кренал рацете за да се помоли на Бога и гледајќи горе на небеси видел една силна ѕвезда, пуштена од небси право на една куќа, згора и на тој час чул еден глас од Бога да му вели вака: - Посниче, мучениче, од многу време ти кај ми се молиш да ти покажам еден светија што е токму посветен. Ете денеска ти покажувам со оваа пропуштена ѕвезда од небото на една куќа од една вдоица со пет деца сиромашка и многу мачна. Ако сакаш појди кај неа и види го светилокот нејзин, та стокми го и твојот да биди мирен, за напред веќе да не ми додеваш за таа работа. Кога ги чу посникот тие зборои од Бога, на чудо станал и на часот тргнал да оди кај вдовицата за да ја види. Отишол во градот и спроти како што била ѕвездата на куќата право влегол во таа куќа и ја нашол вдовицата дома, кај ткае во разбој гологлава со голема брзина. Откога се здравувал посникот со вдовицата излегла од разбој и го пречекала со голем пречек. Го курдисала во сиромашката си куќа, му ги измила нозете, го навечерала со што и дал Господ, леб и сол и си ја зела урката да преде лен. Сите пет деца наредени околу неа, сите облечени во чисти алишта, сите измиени и очешлани, да ти е мило да ги гледаш. На секое од децата му ги пофалувала зборовите што ги кажувало за некоја добра работа што ја направило на браќа си, на комшиите и на други луѓе. Другото дете го поучувала за како да биде прокопсано и чесно пред луѓето и пред Бога. На тој разговор од вдовицата посникот беше се учудил. Дошло времето за спиење и посникот станал и почнал да се крсти и метании да чини. Кога се крстел и чинел метании колку еден саат си легнал да си спие. Откога се легнал посникот вдовицата си поработила на потемно видело за да не се прави арч, чунки била сиромашка. Штом си втасала од работата и си ошла до децата таа се прекрстила само три пати и си легнала. Посникот во тоа време не спиел максус само да види колку метании ќе стори вдовицата кога ќе си легне. Откога видел посникот само три пати се прекрсти си рекол сам со себе: „Чудна работа ќе биде со оваа вдовица, само три пати да се прекрсти на легнување - и попосветена да биде од мене, аџаип работа ќе биде оваа. Ја чекај утре јас да ја пораспрашам од што е толку светена!“ Така велејќи си посникот во себе си, беше заспал. Утрото уште од темни зори се разбудил и бидејќи било недела почнал да се готви за в црква да оди. Во истото време станала од спиење вдовицата и се прекрстила три пати и си влегла в разбој да ткае. Кога ја видел посникот оти во недела ткае, на големо чудо станал и почнал да ја праша: - Ти рисјанко, во недела зер работиш? - Работам, брате, работам. за да го свршам платното туѓо и да земам пари за да купам брашно за да ги ранам децата. - Ами в црква ќе одиш? - Иф бре брате мое мило, да одам в црква, арно ама не можам да превтасам од работа, тики само на Велигден и на Божик в црква одам - му рекла. - Бре колкуцка малце се молела Бога оваа вдовица, ами ако држи празници, вцрква да оди и метании да чини, како мене, којзнае колку светиња ќе биде. - Слушај вамо, рисјанко, и рекол - отсега ваму во недела да не работиш и во сите празници в црква да си одиш, утро-вечер метании да си чиниш. И други добрини да правиш, ако сакаш совршено да му угодиш на бога. Ете така рисјанко да правиш и седи ми со здравје - и рекол посникот. Откога ги чула тие зборои од посникот, вдовицата ги клала в ум и почнала така да прави. денеска-утре, од многуто денгуба што ја правела по богомолението осиромашила до крај и многу вечери легнувала сосе деца без леб и се зготвила да пропита. Посникот тоа нешто беше го усетил, чунки ѕвездата што беше над куќата од вдовицата од ден на ден беше се изгубила. - Ах, јас грешник и недостоен си рекол посникот сам во себе, што појдов кај таа светица и ја научив да се моли и да не работи за да си ги преранува децата, зер којзнае на каква голема мака е и му грешила на Бога. Ја чекај да појдам и да и речам да си прави како напред. Кога отишол посникот кај неа, вистина беше ја нашол скудна за еден залак леб и пак ја помолил за да си прави како напред. Си почнала вдовицата да си работи и да се моли на Бога со метании и со крстење малце. И така си ги изгледала петте деца. Егумено што ги научил кауѓерите со каар да пијат вино и ракија Дошло време да се берат лозјата од некој манастир и откоа `и обрале го туриле грозјето во бочвите што `и полнеле секоја година. Спроти ланцката година, помалце вино се турило, чунки не се родило таа година колку другата. - Годинава оче игумене - му рекле кауѓерите - многу сме подолу со вино од ланцката година, којзнаи дали ќе ни втаса? Откоа `и ислушал умнио егумен, му рекол: - Ако го пиеме како имање (животното), ќе ни втаса, а пак ако го пиеме како луѓе, нема да ни втаса. - Ха, ха, ха! - се изнасмеаја кауѓерите на тие зборои од егумено дека рече: Ако го пиеме како имањето ќе ни втаса, а пак ако го пиеме како луѓе, нема да ни втаса. - Е прао што је прао оче игумене, за тоа се изнасмеавме - му рекле. - Ако сме го пијале како гоедата виното, ќе ни втасало, а пак ако сме го пијале како луѓе, не ќе ни втасало. - Да зер не ви текнуа оти така је? Слушајте сега да ви кажам како је тоа што ви реков така: еден вол, али една крава да го однесиш на река да го напиеш вода, откоа ќе се изнапие, моли го колку сакаш да се принапие, не је чаре повеќе да пие, а пак ние луѓето откоа ќе се изнапиеме на ручек али на вечера, штом не помолат па ќе се принапиеме и са ноќ да ни даваат вино и па ќе си пиеме. Ете како је, како што велам јас. Откоа го ислушале калуѓерите егумено, сите му кандиса на зборо негов и си почнале да си пијат вино со мера и му втасало и му превтасало за цела година. Запис на М. Цепенков. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан