• недела, 22 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
11 април 2021 (МИА)  Македонски манастири Манастирски комплекс Свети Атанасиј Историско-хронолошки преглед За манастирскиот комплекс Св. Атанасиј веќе има објавено сеопфатна монографија во која е даден хронолошкиот приказ за активностите и случувањата од 13 век до 2000 година. Затоа овде ќе се даде информативен популарен приказ извлечен од монографијата. Лешол се споменува како градска населба во 11 век, а властелата во непосредна близина изградила црква околу која подоцна биле изградени конаци и се создал манастир. Црквата му била посветена на александрискиот епископ Св. Атанасиј. Целиот овој манастирски комплекс се наоѓал не местото кое денес е познато под името Стар Манастир, на падината на Шар Планина. Според податоците што се наоѓаат на ктиторскиот саркофаг, црквата, а потоа и конаците, биле изградени во првата половина на 14 век од страна на првиот полошки епископ Јоаникие. На манастирот му припаѓале и црквите Св. Никола – познат кај населението Слатински, која се наоѓала исто на шарпланинската падина на околу 500 метра оддалечен од Св. Атанасиј и десно од патот кога се оди кон селото Брезно и десно од долот Добра Вода. Втората односно третата црква што му припаѓа на манастирот била Св. Богородица што се наоѓала во епископскиот двор односно на локалитетот од денешниот манастир која е сочувана до денес. Манастирот непрекинато опстојувал од крајот на 14 век. По потпаѓањето под турското ропство, престојот на монасите во манастирот станал несигурен. Манастирот честопати бил пљачкосуван од арамии. за да се спречат немилите настани поврзани со арамиите, а кои значеле несигурен живот за монасите, полошкиот епископ Никанор изградил нови конаци во епископскиот двор каде што денес се наоѓа црквата Св. Богородица, со што манастирот се дислоцирал на денешното место. Стариот манастир, подигнат од Јоаникије останал бе монаси и како таков опстојувал до 1690 година. Таа година се водела војната меѓу Австрија и Туртција предводена од Пиколомини. Кон Австријците се приклучиле и востаниците предводени од Карпош. По смртта на Пиколомини Австријците се повлекле, а Карпошовото востание било угушено од Турците. Повторното враќање на Турците значело крај за стариот манастир. Тогаш Турците предводени од Халил паша целосно ги разурнале манастирските конаци и манастирската црква Св. Атанасиј. Меѓутоа кај населението останало преданието за тоа место да се вика Стар Манастир. Новиот манастир што го изградил лешочанецот Никанор од родот Глајној, инаку полошки епископ, ја имал истата судбина како и стариот манастир. Конаците биле целосно разурнати а останала само една куќичка и црквата Св. Богородица. Манастирот останал во урнатини 130 години односно до 1817/18 година. Тогаш дошол јеромонахот Кирил Пејчиновиќ од Марковиот манастир Св. Димитриј кај Скопје, роден во селото Теарце. Поради желбата да го обнови Лешочкиот манастир Пејчиновиќ најпрвин разговарал со лешочаните – дали тие ќе му дозволат селската црква Св. Богородица да стане манастирска бидејќи тој имал желба да изгради конак во дворот. Лешочаните се согласиле со тоа. Кирил со посредство на Турци од Теарце, заедно со големите пријатели на тетовскиот паша, ковачите Милош и Трпе од с. Варвара побарал одобрение од Абдурман – паша за обнова на манастирот. Пашата се согласил и започнала изградбата на конакот, а со тоа и обновувањето на манастирот. Изградба на манастирските конаци Во обновувањето на Лешочкиот манастир учествувале голем број луѓе, свештеници и занаетчии од Лешок, околните села и од Тетово. Во обновата учествувале лешочаните: браќата поп Петре или Петронија и Јовче – Гркој, Мазарак од Мазаракој, Паун (Пауној), Иван (Дабоќеј), Сандара (Сандарој), а исто така и Огњан (Станкој), Ѓорѓија од Нањљабукој и Трајан Гојдар. И покрај големиот одзив на помагателите и на учесниците во акцијата имало села и луѓе кои биле против обновување на манастирот. Тоа биле жителите на Јелошник, Глоѓи и Одри, Петре Жарко од Лешок од родот на Војно и Боре и Коце од Долно маало, неколкумина се презиваат Петрески. По смртта на игуменот јеромонах Кирил во 1845 година негов наследник станал игуменот Серафим, во монаштво Силвестер од селото Варвара. Тој продолжил со изградбата на манастирот па во 1850 и во 1856 година изградил уште два големи конаци. Едниот конак се наоѓал северно од кошот, а другиот на местото на новоизградената сала за гости. Наследник на Силвестер бил Самоел, во монаштво Саво, од родот на Дабоќеј. Тој не изградил никаков објект, а него го наследил Аџи Езекил од селото Глоѓи. Овој игумен бил со големи организаторски способности и манастирот го збогатил со купување ниви, забели и згради во Скопје и во Тетово, а сакал да го купи и Калето. Меѓутоа Коце Дута еден од селаните не се согласувал и калето останало сопственост на селото. Тој се залагал за обновување на Охридската архиепископија и не потпаѓал под влијанието на бугарските и на српските пропаганди, па затоа и бил заклан на 30 јули 1898 година. Во негово време бил изграден конакот кој постои и денес. Пред да го изгради новиот тој го разурнал стариот конак, дело на игуменот јеромонах Кирил што се наоѓал на околу 10 метра северно од новата локација. По убиството на аџи Езекил, за игумен бил назначен јеромонахот Еротеј од Тетово. Тој го изградил конакот во 1906 година, северно од конакот на игуменот аџи Езекил. Истиот тој конак во 1946 година бил пренаменет во болница за белодробни заболувања, а во 1957 година бил запален. Денес просторот е расчистен. Конаците кои ги изградил Силвестер се разурнати, едниот во 1946 година, а другиот во 1957 година, кога се расчистувале урнатините од изгорениот конак. По предлог на митрополитот Кирил, во 2000 година е изградена угостителска сала и со бекатон е направено плато пред конакот. Од книгата „Селото Лешок – Тетовско (1019 – 2003)“ од Илија Петрушевски – Ќапунка, Скопје 2004. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан