Обичаи и верувања
- Верувања и суеверија од Малешевијата Близнаци и едномесечета. – Кога има деца близнаци или едномесечета (деца родени во ист месец), за да останат живи, ги зарануваат со јајце, кое има две ж
28 јуни 2021 (МИА)
Верувања и суеверија од Малешевијата
Близнаци и едномесечета. – Кога има деца близнаци или едномесечета (деца родени во ист месец), за да останат живи, ги зарануваат со јајце, кое има две жолчки (две ж’чки). За таа потреба жолчките претходно се подготвуваат и сушат.
Со нив близнаците се зарануваат на раскрсница. Тамо ги носи некое момче што не им е родина. Оттогаш тој им станува побратим. Откако тука децата ќе се заранат, се пренесуваат на едната и на другата страна на патот, и потоа се носат дома. Оттогаш децата нема да боледуваат од истите болести (зашто се верува дека близнаците се подложени на истовремено заболување од исти болести).
За тоа побратимот добива дар од мајката на децата (кошула со прибор).
Ако од тие близнаци едното дете умре, се зема височината (бој) на живото дете (се мери со прачка од трендафил) па се закопува во гробот со умрениот брат. Додека умреното дете е дома, живото се носи кај соседите за да не го гледа својот умрен брат. Во спротивно и тоа брзо ќе умре.
Така се прави и со децата едномесечета (што се родени во ист месец).
Врачарите денес бајат тајно (никој да не знае). Дури тоа се крие и од луѓето. Врачари има во Русиново, Чифлик и Ратево. Во струмичката област има познати врачари кај кои оделе многу Малешевци. Во Берово и Пехчево врачаат некои були дури и мислимани. И сега кога некој сака да ги повика за врачање, мора прво да бара дозвола од власта, зашто муслиманите се плашат од казна. Во Берово една була знаеше да гледа во боб (грав), а во Ратево имаше еден гатач кој знаел ка св. Јован, да гледа во кобилица (самар) од кокошка, но морало претходно да го извади од неа месото и да го изеде (се разбира печено). Врачарките се повикувани тајно најповеќе за време на последните војни, да погодат, дали некој војник е здрав и жив, дали е заробен итн.
За некои потешки болести, дали ќе бидат преболени или не народот сепак повеќе верува во Бога. За тоа кога некој лежи од тешка болест (офтика, падавица) оди спроти Св. Тодор кај црквата Св. Тодор во Берово и тука ноќева верувајќи дека ќе оздрави.
Еве уште некои врачања за народот во Малешевијата.
Кога детето ќе прооди, се меси баница и се дели на него и на другите деца во соседството. На баницата се ставаат книги, огледало и други работи купени во чаршијата. При делењето на баницата се гледа што ќе земе детето. Ако земе книга - ќе биде учено, ако земе нешто што е купено во трговијата – ќе биде трговец, ако земе баница – многу ќе јаде.
Кога некој ќе се почеша по грлото, ука во прстите за со тоа да го истера тоа што му го предизвикало чешањето.
Ако болниот има грозница, се мие со вода во која стоеле крстот, босилекот и парче облека од она лице, за кое се верува дека болниот го урочило.
Според народното верување, кога некого ќе го касне змија доволно е само да се бае. Главно не треба да се убие. – Ако таа се довлечка во куќата, па некој знае со свирење да ја измами да излезе надвор. Тогаш треба да се фати да се однесе во полето и да се пушти.
Гатање на бачило. – Првиот ден на бачило кога ќе биде премоз некој да не ги урочи овците, еден од овчарите - молзничари, кога се тераат овците од пашата кон оградата (каде што се извршува молзењето), оди пред овците и носи поголемо стебло од дрво во форма на бајрак, на чиј врв (по гранките) обесуваат разни дрвца (заврзани со влакна од коњска опашка) за да се ниша и со тоа да ги мами погледите на присутните, а да не гледаат во овците и во нивните вимиња.
Исто такво стебло се става и на загонот на оградата, каде што ќе влегуваат овците.
Пред да влезат овците во оградата, најпрвин се пушта да влезе овчарскиот пес како пре’одник.
За стоката да има многу млеко, во првото млеко се става една пара и Богородична (млечна) трева.
Кога ќе се разболи овца, ако се мисли дека болеста е од урок, и се врзува црвен конец на врвот од опашката и ќе оздрави.
За волците да не дојдат кај овците во трлото, на еден поголем кол се обесува дел од човечка облека, за тоа страшило да личи на човек. На истиот колец ставаат и коњска глава. – Коњска глава ставаат и кај пчелите (за од урок).
За житото и овошките. – Во доброто жито и во добар сливарник, па дури и во градината, поради уроци, на поголем колец се става костур од коњска глава.
За житото на нивата добро да роди спроти Јанов-ден (така го викаат Иванден), ноќта гола жена (или само по кошула) јава на вратило и иде во туѓа пченица и на повеќе места ја жние. Се смета дека таа тогаш го зема доброто жито од туѓата нива и го пренесува во својата.
За пченката брзо да расте и добро да роди, прес сеење се зема еден корен и се фрла во реката да го однесе водата. Каско што таа вода го носи коренот, така брзо треба и пченката да расте.
За да престане градот жените го изнесуваат ситото на куќниот праг, молејќи ја Бела сабота (градова сестра), градот да паѓа во пустата гора каде што нема луѓе, петли и кокошки, волови, ни овци. – Или ако двајца браќа близнаци проголтаат по едно зрно од градот, тогаш тоа ќе престане.
За јаболкото се смета дека е лековито, ако е чувано во зетовска облека или во ковчегот на девојката.
За сливите секогаш да раѓаат, не треба да и се дозволи на жена што нема деца прва да скине и да јаде од плодот.
Селото Робово пред 50-60 години немало родна земја како денес. Тогаш Робовци секогаш докупувале жито за својата исхрана. Но откако го викнале владиката со литија да им го обиколи синорот нивното земјиште стана родно.
За во градите се добро да роди, и од неа да се избркаат кртовите се вика свештеникот да чита молитва.
Суеверие кај Помаците. – И помаците имаат многу суеверие, скоро повеќе од христијаните. Ако некој од нив е болен доаѓа кај нашите свештеници да му читаат молитви. Дури и нивните жени тоа го прават кога се согласуваат да си ги откријат лицата.- Сите тие веруваат дека молитвите на нашите свештеници им помагаат. (Еднаш еден Помак кога го сретна свештеникот го поздрави со: Благослови оче!)
Еве некои муслимански суеверија и врачања:
На Благовест (Благовец) рано пред вратата на куќата се пали говедски измет, и вратата се закитува со врба, - за тоа лето змиите да не го јадат народот и стоката.
На Ѓурѓовден секој рано ја обиколува својата нива и полето зашто тој ден нивата со нетрпение го чека и сака добро да роди, - родот од неа да не оди во туѓа нива.
На Ѓурѓовден човекот се опашува со дива тиква, за да не го боли грбот. Тогаш врзуваат дива тиква и околу садот во кој за прв пат се молзе стоката. Тој ден пред сонце сите одат на реката каде што се мијат; а одат и на воденичко тркало (кое се врти на лево). Тоа го прават за тоа лето да не се разболат.
Вражалиски боб (бакла) во старо време се употребувал за врачање (некои и денес го употребуваат). Тоа се правело вака: Зрно боб се закачува на црвен конец и се обесува во оџакот каде што зрното поцрнува од чадот. Тогаш се верува дека болниот сигурно е урочен. Потоа се зема тој конец со зрното и се носи во шумата каде што се врзува за некој шип.
Кога за време на суша се сака дожд, се отвора некој незнаен гроб и во него се тура малку вода.
Кога од некоја стока се зема млеко, а не се знае кој го направил тоа тогаш тоа лице вака се открива: сопственикот на стоката од која е земено млеко вика некој свој роднина од друго место и тој во свој сад молзе ноќта три пати млеко од кравата. Потоа тој сад со млекото се поврзува со ленена крпа и се носи во туѓа бавча каде што се беси на слива- џанка. На тој сад се нафаќаат многу мушички, кое тој роднина ги фаќа и ги затвора во една цевка. Кога тој тоа ќе го направи, веднаш му иде она лице, кое му го зело млекото да моли тие мушички да се пуштат, зашто истото зло се случило и кај неговата стока (кај стоката се намалило млекото или му пцовисало телето).
Од книгата „Малешево и Малешевци“ од Јеремије Павловиќ, Београд 1929 г. (Подготви Марко Китевски)