• петок, 28 јуни 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
7 март 2021 (МИА) Од минатото на нашите краеви Свиларството во Гевгелискиот регион На црно (првно) лижајне. – Откако црвите се извеле и откако ќе ги разредат на пардии (леси), започнуваат со работа во првиот период. По секои два, два и пол часови од утро до мрак ги хранат. А бидејќи сега напредуваат и во растењето, просторот мора да се шири, а тоа го прават со солење (посипување) со дробени (ситнети) листови до три прста околу, по што бубите (гасениците) сами се распоредуваат. Во овој период се избегнува поголема топлина зашто поради тоа многу гасеници може да загинат. На бубите им се даваат млади листови и тие изрежени со нож како што се прави со тутунот. Кога ги берат листовите гледаат рацете да им се чисти, измиени со сапун, местото каде што ги стават лисјата и ножот со кој се ситнат листовите мора да се чисти. Ножот со кој се ситнат листовите не се употребува за ништо друго. Влажни и спурени листови никако не им дават. На петтиот ден по пилејнето почнуваат се помалку да ги хранат, а на шестиот ден воопшто не ги хранат зашто тогаш веќе гасениците спијат или лежат. Кога гасениците спијат ги оставаат сосема мирни. Првото субличувајне (преоблекување) обично трае еден ден – ако топлината е нормална, т.е. ако не се спушти пониско од 21 степен ниту да се качи над 25 степени. Гасениците за тоа време стојат неподвижно со главата и горниот дел од трупот нагоре. На сиво (второ) лижајне. – Кога гасениците ќе се преслечат повторно се хранат со дробени листови. Сега се прави и чистење на одрите под гасениците. Кога гасениците се преслекле, а тоа го познаваат по тоа што почнуваат да се движат, им ставаат свежи листови во средината и откако гасениците ќе прејдат на листовите, заедно со листовите ги пренесуваат на друга леса. Во ова време ги хранат по секои три часа – од утро до мрак. Некои ги хранат и преку ноќта и тогаш гасениците побрзо се преслекуваат. Во овој период бубите веќе пораснале и исфрлаат повеќе измет, по што пред повторно да легнат или на третиот ден откако се преслекле повторно се чистат одрите.- Лесите или пардии од кои го вршат пренесувањето ги чистат и потоа повторно ги употребуваат.- При ова второ чистење и ги разредуваат. На петтиот ден престануваат да ги хранат зашто бубите пак легнуваат. И во овој период преслекувањето трае обично еден ден. На мелечко лижајне. –Тоа е третиот период. По еден ден забележуваат дека гасениците се движат. Тоа е знак дека се преслекле и дека веќе се во третиот период: јадат на малечко. Досега гасениците заземаа помал простор, но во овој период потребно им е повеќе место, поради што веднаш по спиењето ги разредуваат. Од една леса сега добиваат две. Разредувањето го прават како и при пренесувањето од една леса на друга. Ги ставаат сите листови на лесата, на кое бубите се собираат и потоа заедно со листовите од една леса ги пренесуваат на друга и така во исто време вршат и разредување. Во овој период ги хранат со недробени листови. т.е. им се даваат цели. Одрите ги чистат два пати. Ги хранат по четири пати дневно. Во овој период треба добро да се хранат. Во овој период потребно е и проветрување. Кога ќе забележат дека гасениците не јадат, престануваат со давање на храна, зашто тогаш гасениците повторно легнуваат. Гасениците во овој период имаат сиво-бела боја. Од книгата „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ од Стефан Тановиќ, Београд 1927 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан