• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
8 јуни 2020 (МИА) Пренос на моштите на свети Георгиј Кратовски Запален затоа што си ја сакал верата Свети Ѓорѓи Кратовски има силен култ не само во Кратовско туку и на многу поширок простор. На 8 јуни по новиот односно на 26 мај по стариот календар Светата православна црква го празнува денот на пренесувањето на моштите на свети Ѓорѓи Кратовски. Овој важен лик од нашата историја и од нашата света црква по занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите и кујунџиите. Житието вели дека свети Ѓорѓи Кратовски е роден во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите, по завршувањето на училиштето, пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници-јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците. Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Ѓорѓи Кратовски без размислување го одбил предлогот поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален на 24/11 февруари 1515 година. На 8 јуни (нов стил) моштите на св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден Светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец. На иконите, св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим“. Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица-кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија. Тропар Свети маченик Георгиј Кратовски Од рана возраст со света желба на Господа си му се предал, со сета душа Христа Единиот си Го засакал, и Него, Кој е вистинскиот Бог во Троица почитуван, пред нечестивите Турци си Го проповедал. Со венец маченички си се украсил, славни, и кон небесните жители си се придружил, премудри Георгиј, моли Го Христа Бога да ја чува татковината твоја, и да ги спаси православните и градот, кои секогаш ги прославуваат твоите подвизи. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан