• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
13 март 2021 (МИА) Од нашето минато Основање на селото Бапчор За основањето на селото Бапчор постојат неколку преданија, што се пренесувале од колено на колено преку прераскажување меѓу бапчорци, а кои денес се распрснати по светот. Според едно од преданијата селото Бапчор е основано кон крајот на 11 и почетокот на 12 век од помалите селца: Ровица, Козјак и Селишча. Овие населби една од друга биле оддалечени околу еден час одење. Во трите селца живеело македонско население. Куќите биле градени од дрва и мачкани со кал. Само црквите биле ѕидани со камења и покриени со слама. Селото Ровица имало околу педесетина, Козјак триесетина, а Селишча дваесетина куќи. Селото Ровица било најразвиено. Имало пазар каде што оделе и жителите на Козјак и Селишча. Во преданието понатаму се вели дека по пропаѓањето на Самоилово царство и Византија, жителите на трите мали селца останале цел на напади на разни бакни, арамии, ајдуци и слично, а големиот страв ги натерал да се здружуваат за да се бранат од нападите. Во селото Ровица живеел некојси Младен Бапчоров, кој прв изградил живеалиште на сегашното место на селото Бапчор и се преселил со жена си Божана и ќерка си Малина. По примерот на дедо Младен Бапчоров, на ова место постепено се преселиле и другите жители од трите селца. До денешни дни постојат одредени белези кои сведочат дека во трите напуштени мали селца имало живот. Уште постојат остатоци од гробиштата и темелите на малите црквички во тие дамнешни населби. Во новоизградената селска населба поуспешно се организирала одбраната од разните орди, арамии и зулумџии. Почнал организиран живот што придонел постепено да се досечуваат и други жители од другите подалечни населени места какви што биле селата: Цер, Баница, Росен, Сребрено, Трново и други, со што бројот на жителите многу брзо се зголемил. Во новото село се изградени народно училиште, воденица, валавица, ковачница... Куќите почнале да се градат од камен и плитари, а да се покриваат со плочи, со што се намалила опасноста од пожари. Друго предание зборува дека на местото викано Топлико, на кое извирала лековита топла вода, некојси човек по име Бапчор, изградил куќа, а по него се населиле и многу други луѓе од околните мали населени места и така била оформена новата населба. Има и трето предание во кое се вели дека селото Бапчор е основано околу 1650 година, кога македонското селско население отстапувајќи пред Турците се повлекувало во повисоките места каде што обично летно време се правеле летни засолништа за стоката, односно се подигале бачила. Така се случило трите мали селца: Ровица, Козјак и Селишча, да се повлечат на повисоко и да оформат нова поголема населба. Потеклото на името Бапчор Во врска со името на селото Бапчор исто така, постојат неколку преданија. Во едно од преданијата се вели дека името на селото Бапчор е дојдено од персискиот збор бапчаир, што во превод значи тешко проодно место. Ова име Бапчор го добило во турското владеење. Имено, кога разни турски каравани, коњаници и други поминувале преку бапчорскиот синор и оделе за селото Лаген и натаму за градот Лерин, наидувале на тешко проодни места особено во пределот на планината Дервено, та оттаму овој крај го нарекле Бапчаир, а населеното место го добило името Бапчор. Во друго предание се вели дека селото Бапчор го добило името од зборот бачило. Бачилото било подигнато од Давид, синот на цар Самоил и дедо му Младен, на сегашното место на селото. Во бачилото се чувале овци преку целото лето. Кога на ова место се населиле повеќе фамилии, се оформила населба што го добила името Бапчор. Има трето предание, во кое се вели дека името потекнува од некојси војник по име Бапчор. Војникот служел во војската на царот Самоил и кога еден ден Самоил го прашал војникот од каде е тој му одговорил дека живее во едно село близу до Вичо Планина но дека селото нема име. Царот Самоил многу го засакал војникот Бапчор и во една пригода, кога одел за Преспа, навратил во селото и го посетил војникот Бапчор и татко му Младен со целото семејство. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан