• недела, 22 декември 2024

Обвинителство бара мерки за претпазливост за второосомничениот во случајот за примање награда за противзаконито влијание

Обвинителство бара мерки за претпазливост за второосомничениот во случајот за примање награда за противзаконито влијание

Скопје, 21 мај 2024 (МИА) - Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост спрема второосомничениот – член на Советот на јавни обвинители, во случајот за примање награда за противзаконито влијание.  

Како што се наведува во соопштението од ЈОРСМ, со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост согласно чл.146 ст.1 т.2 и 3 од Законот за кривична постапка, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка. На осомничениот привремено ќе му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница.

Во барањето се наведува мерките да траат додека постои потреба, а најдоцна до правосилноста на пресудата согласно чл. 146 ст.5 од ЗКП. 

ЈОРСМ претходно соопшти дека син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пријавил, а вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија.

-Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.

Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен „in flagranti“ во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ. Во текот на ноќта Судскиот совет му го одзеде имунитетот на врховниот судија, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка.

-Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи, посочија од обвинителството. ев/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан