• понеделник, 03 март 2025

Обвинителството бара мерки на претпазливост за возачот кој удри пешак во Скопје

Обвинителството бара мерки на претпазливост за возачот кој удри пешак во Скопје

Скопје, 3 март 2025 (МИА) - Мерки на претпазливост кои вклучуваат привремено одземање возачка дозвола и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува на одредено службено лице во судот, како и привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница предлага јавен обвинител за 47-годишникот, кој вчера по полноќ со возило удрил во пешак во Скопје.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство против осомничениот е поведена истрага затоа што постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

-На 2 март веднаш по полноќ, осомничениот учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал автомобил „Мерцедес“ по левата сообраќајна лента од ул.„Св Кирил и Методиј”. Но притоа не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што свесно го довел во опасност животот и телото на луѓето. Возилото го управувал со алкохол од 1,35 промили, со брзина поголема од дозволената и не забавил и не запрел на обележаниот пешачки премин. Од тие причини, со предниот дел од возилото удрил во левата страна од телото на една оштетена која како пешак попречно го преминувала коловозот на пешачкиот премин. Од ударот жртвата се здобила со тешки телесни повреди – скршеница на долни екстремитети, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Мерките на претпазливост, како што посочуваат од ЈО,  се предлагаат со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката и спречување од повторување на делото. дма/лв/

Фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан