• недела, 22 декември 2024

Обвинителите ја испрашуваа претседателката на Перу поради наводите за незаконско збогатување

Обвинителите ја испрашуваа претседателката на Перу поради наводите за незаконско збогатување

Лима, 6 април 2024 (МИА) - Перуанската претседателка, Дина Болуарте со часови беше испрашувана од обвинителите за време на истрагата за тоа дали незаконски примила стотици илјади долари во готовина, луксузни часовници и накит.

Обвинителството ја товари Болуарте за незаконско збогатување и непријавување имот.

Во телевизиски говор, таа ги нарече обвинувањата „лажни“ откако беше вчера испрашувана.

Таа рече дека само дел од накитот е нејзин и дека часовниците ги добила „како позајмица“ од гувернерот на јужниот земјоделски регион Ајакучо Вилфредо Оскорим.

-Треба да признам дека згрешив што ги прифатив часовниците на позајмица, рече таа, но „бидејќи овие часовници не се моја сопственост, не бев должна да ги пријавам“.

Меѓутоа, таа претходно го тврдеше сосема спротивното: дека часовниците Ролекс се „плод на нејзината работа“, пренесува Бета.

Скандалот со часовниците Ролекс изби откако медиумите објавија серија фотографии на Болуарте со разни луксузни часовници кон средината на март додека таа беше член на Владата во 2021 и 2022 година.

Таа тогаш тврдела дека има само еден часовник што сама го купила.

По барање на јавен обвинител, полицијата пред седум дена извршила претрес во нејзиниот дом „за да одземе часовници Ролекс“.

Перуанскиот закон бара од официјалните лица да пријават накит во вредност од повеќе од 2.791 долари, а накитот на претседателката, вклучително и нараквицата и часовниците на Картие, се проценува дека вреди дури 500.000 долари.

Ако има кривично гонење, перуанската претседателка не може, според Уставот, да биде изведена на суд пред крајот на нејзиниот мандат - јули 2026 година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан