• сабота, 14 март 2026

НУ Музеј - Куманово со отворен ден одбележа 104 години од раѓањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош

НУ Музеј - Куманово со отворен ден одбележа 104 години од раѓањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош

Куманово, 3 септември 2025 (МИА) - Националната установа Музеј - Куманово, денеска организираше отворен ден во чест на раѓањето на народниот херој, Христијан Тодоровски Карпош во Куќата - музеј на херојот во Куманово. На 3 септември се одбележуваат 104 години од раѓањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош (1921 - 1944). Ученици и граѓани денеска бесплатно ја разгледаа постојната музејска поставка, стручните лица објаснија за животот и делото на Карпош и неговата борба за слобода и за историското значење на херојот.

- Концептот на постојаната музејска поставка во Куќата - музеј има за цел да се следи животот и делото на народен херој Христијан Тодоровски Карпош, кој е еден од осумте народни херои на нашиот град кој го даде својот живот во народноослободителната борба на македонскиот народ за остварувањето на вековниот идеал - стремеж, за ослободување на Македонија и создавање на своја држава. Кога го прашале соборците како да го викаат, укажувајќи -„Сите ние носиме псевдоними … кажи како тебе да те викаме“. Христијан се присети на Карпош водачот на селското востание и потоа одговорил: „Јас, јас ќе се викам Карпош“. Неговата борба за слобода остави траен белег во НОБ и посебно за Куманово и за Македонија, изјави директор и историчар Марија Живачки.

Куќа - музеј на народен херој Христијан Тодоровски Карпош е отворена во 1979 година. Во текот на 2019/2020 година Куќата - музеј на Христијан Тодоровски е реновирана и збогатена со нова музејска поставка, нови витрини и значајни историски експонати. Куќата е на површина од 84 метри квадратни од што поголемиот дел се искористени за постојана музејска поставка, уредена амбиентално, со покуќнина - изложен мебел, од периодот на триесеттите години на 20. век, со цел да се долови амбиентот на животот во тој период. Втората просторија е уредена како соба на Христијан во која тој ги поминал ученичките денови - деновите од својата младост. Експонатите што се презентирани во долниот кат - приземје, дел од нив припаѓале на семејството на Христијан Тодоровски Карпош. На катот низ документи, фотографии, оружје и други предмети е прикажан животот и делото на Христијан Тодоровски Карпош. ам/бд/

Фото: НУ Музеј - Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан