• петок, 05 декември 2025

НУЦК „Трајко Прокопиев“ го објави тендерот за реконструкција на зграда на Театар Куманово

НУЦК „Трајко Прокопиев“ го објави тендерот за реконструкција на зграда на Театар Куманово

Куманово, 12 август 2025 (МИА) - Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ го објави тендерот за реализација на петтата фаза на проектот за реконструкција на зградата на Театар Куманово, информираа денеска надлежните. Ова е последна фаза од реконструкцијата на објектот.

- Планирано е санирање на кровната конструкција со зајакнување и замена на дрвените конструктивни елементи. Зајакнување на порталот меѓу сценската кула и гледалиштето, бидејќи отсуствуваат носиви армирано – бетонски елементи, доспроведување на електротехничките инсталации во гледалиштето, сценската кула и контролните простории и спроведување и на термо-техничките инсталации. Во завршната фаза треба да се постави и сценската техника како што се театарската акустика осветлување и чиги, и ентериерно уредување на голема сала и фоајето, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Заинтересираните компании треба да достават понуди до 11 септември годинава.  Средствата за реконструкција се обезбедени од Министерството за култура и туризам. Ова е последна фаза од реконструкцијата на објектот која почна во 2021. Зградата е сместена помеѓу училишни објекти. Надлежните очекуваат да добијат модерен и функционален театар кој ги исполнува светските стандарди за современ театар.

Двата ансамбли на македонски и на албански јазик, работат во просториите на НУЦК „Трајко Прокопиев“. Кумановскиот театар активно ја подготвува претставата „Разбуди се, Тина“, во режија на Драгана Таневска, со која ќе го затвори фестивалот „Денови на комедија“.

Како што најави директорот на установата, Тодоровски на 18 август годинава ќе гостуваат во Крива Паланка, со театарската претстава за деца „Црвенкапа“. Во Гевгелија кој е прогласен за град на култура со 2025 година, кумановскиот театар ќе гостува со монодрамата „Прво лице еднина“, во септември повторно е закажано гостување на фестивалот во Крива Паланка со претставата „„Не можам да платам, не сакам да платам“ како и претстава во Свети Николе. ам/дма/


Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан