• недела, 22 декември 2024

„Носи кацига-вози одговорно“ - превентивна активност на полицијата во Радовиш

„Носи кацига-вози одговорно“ - превентивна активност на полицијата во Радовиш
Радовиш, 30 јули 2022 (МИА) - Во 2021 година на подрачјето на СВР Струмица евидентирано е намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи за 50 отсто споредбено со 2020 година, а на подрачје на ОВР Радовиш во 2021 година не е регистрирана ниту една сообраќајна несреќа со смртни последици. Ова беше истакнато на денешната превентивна активност „Носи кацига-вози одговорно“ на ОВР Радовиш, која се спроведе денеска во овој град. Според портпарoлката на СВР Струмица, Александра Трајанова и покрај ваквите позитивни состојби, МВР продолжува со превентивни мерки кои ги реализира во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност во рамките на планот „Безбедно лето“. -За да се задржи констатираната поволна состојба денеска Одделението за внатрешни работи Радовиш на подрачје на Радовиш спроведе превентивна активност „Носи кацига- вози одговорно“ во која преку делење на летоци со едукативна содржина им се укажуваше на мотоциклистите и возачите на електрични тротинети за потребата од носење на заштитна кацига заради нивна безбедност, а воедно им беше укажано за почитување на сообраќајните правила и прописи со цел заштита на сите учесници во сообраќајот, изјави Трајанова. Во овој период од годината сѐ поголем е бројот на учесници во сообраќајот кои управуваат мотоцикли и електрични тротинети. На подрачје на ОВР Радовиш во првата половина од 2022 година не се регистрирани сообраќајни несреќи со загинати, ниту повредени мотоциклисти, а истото било случај и во првата половина на 2021 година. Позитивната порака на оваа превентивна активност беше препознаена и од членовите на мото клубот „Џинка“ од Радовиш, кои се вклучија во нејзино спроведување. Одделението за внатрешни работи Радовиш апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, укажувајќи дека и во иднина како преку превентивни, исто така, и преку репресивни мерки и активности ќе влијае на подигање на нивото на сообраќајна култура, бидејки безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите. рт/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан