Нов ВИ-модел што размислува како човековиот мозок
- Веруваме дека ова ќе ја достигне, а потоа и ќе ја надмине човечката интелигенција, нагласува Ванг.
Сингапур, 10 септември 2025 (МИА) - Наместо да градат сѐ поголеми и поскапи јазични модели со милијарди параметри, истражувачи од островската држава Сингапур решиле „да се потпрат на природата“ и да се обидат да создадат вештачка интелигенција што размислува како човековиот мозок. Нивниот експеримент, пишува порталот „Политика“ - не е само смел, туку и исклучително успешен - новиот систем успеал да ги надмине гигантите како „ГПТ“ (GPT) и „Клауд“ (Claude) во сложени задачи за расудување.
Се работи за тн. „Хиерархиски модел на расудување“ („ХРМ“ - 'Hierarchical Reasoning Model'), инспириран од начинот на којшто мозокот ги обработува информациите. Имено, додека денешните модели „ГПТ-4“, „ГПТ-4о“, „Клауд 3“, „Џемини“, „ЛЛаМА 3“ или „Дипсик Р-1“ зависат од огромни количини на податоци и милиони примери за учење, „ХРМ“ е изграден со само 27 милиони параметри и обучен на 1.000 примери, и без никаква претходна подготовка. И покрај неговата едноставност, се вели, сингапурскиот модел „се покажува како супериорен“ во однос на многу поголемите модели.
Резултатите, според научниот труд објавен на платформата „Архив“, се исклучително импресивни. На тестот АРЦ-АГИ, еден од најсложените индикатори за индуктивна интелигенција, „ХРМ“ постигнал точност од 40,3 отсто, додека „ГПТ-4“ и „Клауд 3,5“ не надминаа 21 насто.
Фактот дека зад проектот стои сериозен тим го потврдува и тоа дека поранешни истражувачи од „Гугл дипмајнд“, „Дипсик“, „Антропик“ и „ХАИ“ - работеле на новиот потфат, заедно со други научници од престижни универзитети, објави „Индекс“.
Основачот и извршен директор на новата компанија, Гуан Ванг објасни дека „идејата е да се почне од мозокот“, како природен модел.
- Денешните модели го користат тн. синџир на мисли, што всушност е трик заснован на веројатности. Почнавме од нула, инспирирани од мозокот, бидејќи природата го усовршува својот дизајн милијарди години. Нашиот модел размислува и заклучува како човек, наместо само да пресметува веројатности. Веруваме дека ова ќе ја достигне, а потоа и ќе ја надмине човечката интелигенција, нагласува Ванг.
„ХРМ“ е дизајниран да имитира два клучни мозочни центри: префронталниот кортекс, којшто е поврзан со апстрактното размислување, планирањето и контролата на импулсите, и базалните ганглии, одговорни за брзи, автоматски реакции и повторувачко донесување одлуки. На овој начин, овој модел комбинира бавно, стратешко размислување со брза, интуитивна логика - исто како човечкиот мозок.
Предноста на „ХРМ“ е особено евидентна во областите каде што податоците се ограничени, а точноста е клучна. Неговите креатори велат дека новиот модел би можел да се примени во здравството - во дијагностицирањето на ретки болести, каде што нема милиони примери, туку само мал број клинички случаи.
Во климатологијата, „ХРМ“, се вели, постигнал точност од дури 97 насто во сезонските прогнози. Благодарение на фактот дека бара мала количина компјутерски ресурси, моделот би можел да се користи и во роботиката, во реално време и во динамични, непредвидливи средини. Останува прашањето дали овој систем е првиот вистински чекор кон општа вештачка генеративна интелигенција (ВГИ) или е само една од фазите во истражувањето. Сепак, едно е јасно: Природата е одличен инженер, а моделите засновани на нејзините принципи може да бидат најреалниот пат до машини коишто не само што ќе ја имитираат човековата интелигенција, туку можеби дури и ќе ја надминат, сметаат познавачи. си/сд/
Фото: МИА архива