Ново амбулантно возило за Итна Помош Куманово
- Итната помош Куманово доби ново амбулантно возило наменето за потребите на пациентите од североисточниот регион, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од Здравствен Дом Куманово. Возилото е неопходно и ќе понуди подобра и поефикасна услуга за граѓаните.
Куманово, 9 јуни 2025 (МИА) - Итната помош Куманово доби ново амбулантно возило наменето за потребите на пациентите од североисточниот регион, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од Здравствен Дом Куманово. Возилото е неопходно и ќе понуди подобра и поефикасна услуга за граѓаните.
- Новото возило е набавено преку годишниот план за инвестиции на Здравствен дом Куманово. Средствата се обезбедени од буџетска сметка. Наменето е за Итна помош Куманово и ќе овозможи брза интервенција и поефикасна услуга за пациентите, изјави директорот на установата, Седат Зулбеари.
Во моментов, Итна помош има пет функционални возила, четири санитетски и едно патничко-караван возило. Здравствениот дом располага и со возила на патронажната служба и за домашна посета.
-Имаме и две теренски возила со кои транспортираме пациентите од тешко пристапни предели од високите планински подрачја, рече Зулбеари.

За установата е важна набавката, бидејќи како Итна помош покриваат регион од североисточниот дел на земјава, но и во близина на исклучително фреквентниот премин Табановце.
Надлежните од установата ја привршуваат и реконструкцијата на амбулантата „Тоде Мендол“ во населбата. Таму целосно се реновира приземјето, електрична, водоводна и канализациска мрежа, заменети се вратите, прозорците и мебелот, со што се создадени современи и функционални услови за амбуланта по највисоки стандарди. Во наредните денови се очекува да започнат и градежните активности за уредување на паркингот, со што целосно ќе се заокружи инфраструктурното уредување на објектот.
- Очекуваме модерен, функционален простор според европски стандарди, достапен за граѓаните. Наскоро почнуваме и со изградба на нов паркинг простор до амбулантата, проект кој долго време го очекуваат жителите што ќе го олесни и ќе го намали незадоволството поради недостиг на паркинг места. Овие конкретни остварувања се дел од новиот пристап во управувањето што сакам да го имплементирам во оваа институција преку добра менаџирање, посветеност и транспарентност, изјави Зулбеари.
Здравствен дом нуди услуги за пациентите од Куманово, Липково и Старо Нагоричане. ам/сст/
Фото МИА