• недела, 12 мај 2024

Новогодишен концерт „Фатил сокол еребица“ на КУД „Дримкол“ во Вевчани

Новогодишен концерт „Фатил сокол еребица“ на КУД „Дримкол“ во Вевчани

Вевчани, 11 јануари 2024 (МИА) - „Фатил сокол еребица“ е насловен новогодишниот концерт на културно-уметничкото друштво „Дримкол“ што вечер ќе се одржи во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани.

На програмата, како што соопшти „КУД Дримкол“, се роднокрајни народни песни обработени и под диригенство на учителот Аргил Мукоски од Вевчани, а во изведба на членови на првиот фолклорен ансамбл, младинскиот ансамбл и оркестарот на КУД „Дримкол“.

Концертот, синоќа имал претпремиера, каде пензионираниот учител, основач и прв раководител на КУД „Дримкол“, Мукоски изразил задоволство што работел со талентирани уметници. Концертот го посветил на 50-години активна работа на КУД „Дримкол“ од Вевчани.

- Програмата ја сочинуваат традиционални песни, кои сум ги собирал за време на мојот работен век како учител по музичко образование. Меѓу хорските изведби се ставени и три ороводни песни на кои девојките од младинскиот ансамбл играат со оригиналните чекори од терен кои ги поставивме заедно со мојата сопруга Звезда, истакна Мукоски.

Обработка и изведба на хорски вокални напеви првпат се поставуваат на репертоарот на КУД „Дримкол“ со што ова друштво ја потврдува својата инвентивност, сериозност и професионалност при работењето. сс/мд/

Фото: КУД „Дримкол“

Остани поврзан