• сабота, 16 ноември 2024

Нови уредени површини за населбата „Зелен рид“ вети кандидатот за градоначалник од СДСМ за Куманово, Илиевски

Нови уредени површини за населбата „Зелен рид“ вети кандидатот за градоначалник од СДСМ за Куманово, Илиевски
Куманово, 28 октомври 2021 (МИА) - Нови уредени површини преку проектот „Мој Еколог“ за населбата „Зелен рид“ вети кандидатот за градоначалник од СДСМ за Куманово, Оливер Илиевски на денешната прес-конференција. Според Илиевски, населбата е една од најубавите во градот, одвоена од сообраќајниот метеж и потребни ѝ се уредени површини. Тој вети изградба на мултифункционални, осветлени игралишта со современи реквизити кои ќе им овозможат на младите да спортуваат и простор за рекреација на граѓаните. - Вакви јавни површини кои се од огромно значење на жителите на „Зелен Рид“ и низ цело Куманово не смеат да останат неуредени. Игралиштата ќе бидат изградени по светски стандарди за мал фудбал, кошарка, ракомет. За Куманово како спортски град, ваквите инвестиции се од големо значење за задржување на младите во градот, рече Илиевски. Во програмата, истакна кандидатот преку проектот „Мој Еколог“, населбата ќе добие професионални еколози кои ќе се грижат за животната средина и хигиената. - Како голема населба во која во последниот период се изградени станбени згради, неопходно има потреба од рекреирање, дружење и забава за најмладите. Затоа предвидено е изградба на детско катче и мини пар. Парковите и детските катчиња ќе ги изградиме тука и овде ќе си ги раснеме нашите најмили, истакна Илиевски. Тој наведе дека по спроведените истражувања, утврдено е дека во населбата недостасуваат тротоари, затоа, најави дека во ниту една урбана населба нема да недостигаат тротоари и дрвореди, со цел да се создаде простор за уживање. - Нашата програма не е листа на желби, туку план за работа во четиригодишниот мандат. Ние од првиот до последниот ден ќе се посветиме на реализација на сите проекти од програмата-Најдоброто за Куманово, кажа Илиевски. ам/цр

Остани поврзан