• четврток, 26 март 2026

Нови мурали се изработуваат во Кавадарци 

Нови мурали се изработуваат во Кавадарци 

Кавадарци, 29 октомври 2025 (МИА) - Нови мурали се изработуваат во Кавадарци, информираа попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.  

- Во тек е изработка на мурали во Кавадарци, што со својата уметничка визија ќе го пренесат духот на кавадарчани, богатството на Тиквешијата и магијата на „Тиквешкиот гроздобер“. Со секој потег на четката, овие мурали ќе ја оживеат традицијата, радоста и енергијата на локалната заедница, создавајќи визуелен спој помеѓу културата, историјата и современото уметничко изразување, соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Оттаму додадоа, дека тие не само што ќе ја красат градската средина, туку и ќе станат симбол на идентитетот на Кавадарци. 

- Градот на лозарите, виното и плодната почва, место каде традицијата и современоста се спојуваат во една уникатна приказна. Муралите се дизајнирани да инспирираат, да ја активираат локалната заедница и да го пренесат сето богатство на Тиквешијата на сите кои ќе ги видат, локално, национално и интернационално, посочија од градоначалничкиот кабинет. 

Притоа подвлекоа дека секоја фигура, боја и мотив се внимателно избрани за да ја раскажат приказната на грозјето, лозјата и празникот на плодот, но и за да ја одразат гордоста, истрајноста и енергијата на луѓето од тиквешкиот регион. 

- Овој проект претставува визуелен споменик на културата и заедничкото делување, место што ќе ги привлекува погледите и ќе ја инспирира следната генерација на уметници и жители, споделија од кабинетот на Јанчев. свд/вј/

Фото : Фејсбук на градоначалникот Митко Јанчев 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан