• четврток, 04 декември 2025

Новите правила за лажен екомаркетинг стојат во место поради кавги во Брисел

Новите правила за лажен екомаркетинг стојат во место поради кавги во Брисел

ЕНР - Брисел

1 јули 2025

 Жестока политичка расправија избувна минатата недела во Брисел меѓу европарламентарните групи на центристичката коалиција, откако Европската комисија се закани дека ќе ја повлече новата законска насока за лажен екомаркетинг.

 Ова беше уште еден чекор наназад за Европскиот зелен договор, по пресвртот надесно на ланските европарламентарни избори.

 Што се случи минатата недела?

Во жижата на расправијата е Директивата за еколошки наводи, која предлага нови правила со кои од компаниите се бара независна евалуација за да се потврдат еколошките квалитети на нивните производи. Беше во финалната фаза на преговори кога ЕПП, Европската народна партија, испрати писмо до Европската комисија во кое побара да ја повлече директивата, тврдејќи дека на претпријатијата ќе им создаде непотребен бирократски товар.

 Во петокот, портпаролот за еколошки прашања на Европската комисија Мачеј Берестецки рече дека раководството на ЕУ токму така и ќе постапело бидејќи „актуелните дискусии околу предлогот“ се коселе со „агендата на поедноставување“.

 Со документот би биле опфатени 30 милиони микро-претпријатија, што значи сите компании со помалку од 10 вработени и годишен обрт под два милиони евра – или 90% од сите фирми – а тоа не ѝ се допаднало на комисијата, објасни Берестецки.

 Претседателката на комисијата Урсула фон дер Лејен, која е членка на ЕПП, во обид да ја ресетира европската економија, им вети на деловните претпријатија дека ќе им ја олесни работата.

 Иако одлуката уште не е официјално прифатена, Полска како претседавач со ЕУ го откажа состанокот меѓу претставниците на Европарламентот, Советот на ЕУ и Европската комисија свикан за да се одржи финалната рунда преговори за директивата.

 „Се појавија премногу дилеми и Европската комисија треба да ги појасни своите намери: Врз основа на тоа, ќе може да донесеме одлука во врска со следните чекори“, рече.

 Барањево ја наведе и италијанската премиерка Џорџа Мелони да ја повлече својата поддршка за директивата минатиот викенд, што ја наруши рамнотежата во рамките на Советот, така што сега нема цврсто мнозинство што ја поддржува директивата.

 Развојот на настаните ги разгневи политичарите од парламентарните групи на Да ја обновиме Европа (РЕ) и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), кои заедно со ЕПП имаат договор за соработка во Европскиот парламент.

 „Да кажеме отворено што е ова: координиран напад од страна на Комисијата и ЕПП против зелените закони“, рече Тиемо Волкен, германски европратеник од СД, кој е еден од известувачите за директивата.

 „Урсула фон дер Лејен како шеф на Комисијата го изневери својот мандат и ја претвори Комисијата во штаб на ЕПП. Ова е институционален скандал.“

 Волкен верува дека ќе се најдел компромис ако продолжеле преговорите и „ќе се осигуревме дека микро-претпријатијата нема да бидат опфатени со директивата“.

 „Ако има потреба да се дискутираат конкретни прашања, најдобриот начин е да се присуствува на состанокот и да се дискутираат на состанокот, а не да се откаже состанокот“, изјави Сандро Гоци, италијански европратеник од Да ја обновиме Европа и еден од известувачите на документот.

 Што е Директивата за еколошки наводи?

Главната цел на законската насока е да се спречи потрошувачите да бидат доведени во заблуда во врска со еколошките квалитети на производите што ги купуваат. Оваа тактика на измамување се вика лажен зелен маркетинг. ЕУ ќе бара од компаниите да ги поткрепат со независни анализи сите свои наводи дека производите што ги продаваат се добри за животната средина.

 Според едно истражување на Комисијата од 2020, повеќе од половина од информациите во врска со еколошките карактеристики на производите биле нејасни, манипулативни или неосновани.

 Во предлог-законската рамка поднесена во 2023, се вели: „Ако една компанија реши, на пример, да наведе нешто во врска со еколошкиот отпечаток на некој производ и спроведе истражување при кое ќе го употреби методот за тестирање еколошки отпечаток на производите, тоа ќе ја чини околу 8000 евра.“

 Зошто толкава контроверзија?

Токму оваа одговорност што ќе ја сносат претпријатијата предизвика критики. Според шведската европарламентарка од ЕПП, Арба Кокалари, директивата ќе им отвори „повеќе административна работа на еколошки одржливите компании, кои ќе треба да поднесат барање за претходни одобренија за да можат да тврдат дека се одржливи“.

 Во Бугарија, Асоцијацијата на бугарската индустрија пред една недела побара да се одложи или да се повлече Директивата за еколошки наводи, велејќи дека барањата се нејасни, трошоците за имплементација високи, а законот несигурен. Предупреди дека се преклопува со некои постоечки закони на ЕУ, дека нема да се применува доследно и ќе ја доведе конкурентноста во ризична ситуација, па побара од бугарските европратеници да ги заштитат интересите на нацијата и на единствениот европски пазар во преговорите што ќе следуваат.

 Поддржувачите на законот сметаат дека ќе им обезбеди поголема заштита на потрошувачите и дека ќе им биде корисен на компаниите.

 “Директивата за еколошки наводи се однесува само на компаниите што се рекламираат како еколошки оддржливи. Никој не ги тера да го прават тоа“, изјави Рамона Поп, извршен директор на Федерацијата на германски организации на потрошувачи. „Но ако веќе се рекламираат, ќе им треба доказ дека ова не е само лажен зелен маркетинг. Ова секако ќе доведе на пазарот да има помал број реклами со еколошки ветувања. А ќе им донесе придобивки на компаниите што навистина работат еколошки одржливо.“

 Освен за квалитетот на самиот закон, се поставуваат прашања и околу начинот на кој се постави Европската комисија.

 Потегот на ЕК не наиде на добар прием кај Советот, во кој амбасадорите на 27-те земји членки доскутираа за прашањето во средата. Шпанската новинска агенција ЕФЕ дозна од дипломатски извори дека Белгија, Кипар, Шпанија, Словенија, Естонија, Франција, Ирска, Летонија, Литванија и Холандија остро ја критикувале нејзината одлука.

 „Настаните од петокот и тие што следуваа беа големо изненадување, а некои рекоа дека биле разочарување и дека не требало да се случат,“ изјавиле изворите.

 Неколку земји членки изразија загриженост дека комисијата се почесто применува една практика што претходно беше санкционирана од Судот на правдата на Европската Унија: Тој пресуди дека ЕК не треба да ги користи своите овластувања како де факто вето. Други, пак, предупредија дека одлуката го поткопува институционалниот интегритет.

 Контроверзијава follows a broader pattern of отпор против еколошките политики на ЕУ: поместувањето на целите за намалување на испуштениот јаглероден диоксид од страна на автомобилите и камионетите, одложеното стапување на сила на законите против обезшумување, ослабувањето на Законот за обнова на природата и барањата до компаниите да вршат длабински анализи, намалувањето на заштитните мерки за волците и снижените ограничувања на хемикалиите.

 Што ќе се случува сега?

 Иако засега не е веројатно дека ќе дојде до парламентарен предлог за изгласување недоверба – еквивалентот на ЕУ за интерпелација – може да дојде до политички превирања во врска со други работи, особено при комплексните преговори во врска со повеќегодишниот буџет за 2028–2034, на пример околу финансирањето на справувањето со климатските промени и земјоделството.

 Фон дер Лејен исто така се соочува со потенцијални критики од извршната потпретседателка за чиста, правична и конкурентна транзиција Тереза Рибера, која предупреди дека Европа „не смее да продолжи да ги разводенува своите климатски амбиции: флексибилноста е прифатлива само ако не ги компромитира“ целите.

 Десницата, меѓутоа, го потценува проблемот. „Тоа ти е демократија, душо“, изјави италијанскиот европратеник Никола Прокачини, член на групата евроскептични Европски конзервативци и реформатори, отфрлајќи ја контроверзијата како „ништо освен политика“.

 Самата судбина на Директивата за еколошки наводи останува неизвесна, а преговорите се во мирување.

Фото: ЕНР/ДПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан