• четврток, 26 март 2026

Новиот либански премиер ги повика израелските сили целосно да се повлечат од неговата земја

Новиот либански премиер ги повика израелските сили целосно да се повлечат од неговата земја

Бејрут, 28 февруари 2025 (МИА) - Новиот либански премиер Наваф Салам повика на целосно повлекување на израелските сили од либанската територија за време на неговата денешна посета на јужните делови на земјата. Воедно на жителите од пограничните села им вети безбедно враќање во домовите и закрепнување.

-Ова е првиот вистински работен ден за владата, рече Салам во јужното пристаниште Тир, на средба со жителите на пограничното село Деира. Ви ветуваме безбедно враќање дома што е можно поскоро, им се обрати тој. Во исто време, премиерот, кој ја презеде функцијата на почетокот од оваа недела, додаде дека владата започнала со обнова на уништените домови.

На почетокот на овој месец, Израел повлече поголем дел од своите војници од повеќето либански погранични области, но остави пет набљудувачки пунктови на либанска територија, што либанските власти велат дека е прекршување на прекинот на огнот со кој завршија непријателствата меѓу Израел и Хезболах, кој стапи на сила на 27 ноември и беше со посредство на САД.

Салам рече дека неговиот кабинет собира арапска и меѓународна поддршка за „да го принуди непријателот да се повлече од окупираните земји и таканаречените пет точки“.

-Нема да има вистинска и трајна стабилност без целосно израелско повлекување, заклучи тој.

Повеќе од 4.000 луѓе беа убиени во Либан, а повеќе од еден милион беа внатрешно раселени поради конфликтот меѓу Израел и Хезболах во октомври 2022 година. Тие се уште не можат да се вратат во своите родни места. На израелска страна загинаа десетици луѓе, а околу 60.000 ги напуштиле своите домови.

За време на неговата турнеја низ јужниот дел на земјата, Салам ги пофали активностите на мировните сили на ОН во Либан, кои се стационирани на границата со Израел од 1978 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан