Нова канлизација се гради во гевгелиско Мрзенци
- Со реализацијата на зафатот, по должината на улицата „Александар Бел“ ќе се обезбеди целосно покривање со систем за одведување на отпадни води, велат од општината, а со тоа очекуваат подобрување на комуналната инфраструктура во населеното место.
Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Нов фекален канализационен систем во должина од 800 метри, кој треба да ги собира отпадните води од објектите, се гради во населеното место Мрзенци, Гевгелија.
Со реализацијата на зафатот, по должината на улицата „Александар Бел“ ќе се обезбеди целосно покривање со систем за одведување на отпадни води, велат од општината, а со тоа очекуваат подобрување на комуналната инфраструктура во населеното место.
Општинските власти најавија дека по завршувањето на фекалната канализација, предвидено е да се гради и нов водоснабдителен систем на истата улица.
Во истиот период, Општина Гевгелија ја заврши и реконструкцијата на влезната улица во населеното место Моин. Обновата на влезната улица е завршена во рамките на проект во соработка со Министерството за транспорт, а како што соопштија од општината, при зафатот е отстранета старата бетонска подлога и поставен е нов асфалт на улицата и на неколку нејзини краци, во вкупна должина од околу 550 метри и површина од 1.800 квадратни метри. рш/нд/
Фото: МИА