• недела, 21 јули 2024

Ниту еден партнер не е поблизок од Јапонија, порача Столтенберг

Ниту еден партнер не е поблизок од Јапонија, порача Столтенберг

Вилнус, 12 јули 2023 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска му посака добредојде на јапонскиот премиер Фумио Кишида на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус, нагласувајќи дека ниту еден партнер не е поблизок од Јапонија.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Вилнус, Столтенберг ја поздрави новата партнерска програма меѓу Јапонија и НАТО, која ќе ја зајакне натамошната соработка во сферите како контрола на вооружувањето,  нови технологии, вселена, синџири за снабдување, отпорност и иновации. 

Нагласувајќи дека безбедноста не е регионална туку глобална, Столтенберг му се заблагодари на јапонскиот премиер за силната поддршка за Украина.

Тој исто така изрази загриженост за кинеските воени активности, вклучувајќи го модернизирање и експанзија на нејзините нуклеарни сили, а го осуди и последното ракетно тестирање на Северна Кореја кое ги нарушува меѓународните норми и бројни резолуции на Обединетите нации.

НАТО планира да отвори канцеларија за врски во Јапонија, што ќе биде прва од таков вид во Азија. Сојузниците се во преговори со јапонските власти, а јапонскиот амбасадор на Северна Македонија, Казуја Оцука во екслузивното интервју за МИА истакна дека отворањето на канцеларија за врски на НАТО во Јапонија, доколку се донесе таква одлука, е конкретен и симболичен напор што го отелотворува ставот на Алијансата за зајакнување на својот ангажман во Индо-Пацификот.

Тој посочи дека Јапонија и НАТО во моментов разговараат за нова Програма за индивидуално приспособено партнерство (ПИПП), која ќе вклучува цели и конкретни иницијативи. Оцука додаде дека за да се постигне ова ќе биде потребна понатамошна практична соработка помеѓу Јапонија и НАТО. 

- Сметаме дека отворањето на ваква канцеларија ќе биде од корист не само за регионот на Индо-Пацификот, вклучително со Јапонија, туку и за НАТО. Со цел да се реализира ова прашање, би сакале да продолжиме со тесната соработка со Северна Македонија и други земји членки на НАТО, нагласи Оцука.

Тој потсети дека новиот „стратешки концепт“ на НАТО усвоен во јуни минатата година, првпат ја позиционирал Кина како „системски предизвик“ и јасно ја претставил заканата од кинеско-руската соработка. 

- Исто така, јасно се наведува дека Индо-Пацификот може директно да влијае врз безбедноста на евроатлантската област, истакна јапонскиот амбасадор во интервјуто за МИА. ац/са/

Фото: МИА/НАТО

Остани поврзан